Автомобилот Nevera од Rimac Automobili воодушеви многумина со своите перформанси и забрзување. Дури постави и некои рекорди, кои оттогаш се срушени. Изгледа, Rimac Automobili е решен името на својот автомобил да биде на врвот на секоја листа со рекорди, па така тие дизајнираа подобрена верзија на Nevera, Nevera R, која повторно руши рекорди.
Оригиналната Nevera постави 23 рекорди за еден ден на АТП патеката во Германија во 2023 година. Nevera R сега ги собори сите тие резултати. Постави ново време од 0-400-0 км/ч од 25,79 секунди, надминувајќи го претходниот рекордер за 2,04 секунди, и достигна максимална брзина од 431,45 км/ч, што ја прави Nevera R најбрзиот сериски електричен автомобил во светот.
Овој последен тест пред испораката до клиентите покажува колку Nevera R напреднала во перформансите. Подобрувањата во перформансите се резултат, истакнуваат од Rimac Automobili, на темелно инженерско редизајнирање на главните компоненти. Подобрувањата вклучуваат нов аеродинамичен пакет, нови гуми Michelin Cup 2, систем на батерии Rimac Technology од 108 kWh од новата генерација и напреден систем за погон на сите тркала што ја прилагодува испораката на моќност на секое тркало 100 пати во секунда.
Nevera R испорачува 2.107 КС преку четири мотори, овозможувајќи екстремни перформанси без компромис со секојдневната употребливост. Ограничена на 40 примероци, со почетна цена од 2,3 милиони евра, Nevera R ја држи титулата најбрз и најразновиден електричен хиперавтомобил денес.
„Кога првпат ја претставивме Nevera, се чинеше како да сме го достигнале врвот на перформансите на хиперавтомобилите. Само за една генерација постигнавме скок што претходно ќе траеше со децении. Но сега, благодарение на неуморните иновации, Nevera R оди уште побрзо, додека ја одржува удобноста и практичноста што ја прават Nevera секојдневен автомобил. Соборувањето рекорди е во нашата ДНК и нема да застанеме тука“, рече Мате Римац, основач на групацијата Rimac.
(Zimo)
(фото: Rimac)