Jавниот долг на Германија се искачи на рекордни 2.510,5 милијарди евра минатата година, објави во вторник Федералниот завод за статистика. Тоа е 30.062 евра по жител, што е зголемување од 669 евра во споредба со претходната година, соопшти институтот.
Долгот на земјата постојано се зголемува од 2020 година. Задолженоста се однесува на вкупниот јавен буџет, кој ги вклучува федералната влада, покраините, општините, општинските сојузи и социјалното осигурување, објави агенцијата ДПА.
Во споредба со крајот на 2023 година, јавниот долг се зголемил за 2,6 проценти до крајот на минатата година. Зголемувањето се случило речиси насекаде, а најголемото зголемување било 10,3 проценти во општините и општинските сојузи, каде што вкупниот износ се искачил на 170,5 милијарди евра. Ова е петто последователно зголемување во овој сектор, соопшти институтот.
Долгот по глава на жител беше највисок во општините на најнаселената покраина Северна Рајна-Вестфалија, како и во претходната година. По нив следат општините во покраините Хесен и Сар, исто така на западот од земјата. Според извештајот, најнизок долг е забележан во општините во источните покраини Бранденбург, Тирингија и Саксонија.
Федералниот долг се зголеми за 2,1 процент, на 1.732,7 милијарди евра. Во 16 федерални покраини, вкупниот долг се зголеми за прв пат од 2021 година, исто така за 2,1 процент, на 607,3 милијарди евра. Вкупниот долг за социјално осигурување се намали за 73,9 проценти, на 10 милиони евра.