Европската комисија даде зелено светло за преземањето на италијанската модна куќа Версаче од страна на Прада, во договор вреден 1,25 милијарди евра, оценувајќи дека преземањето не предизвикува загриженост во врска со конкуренцијата на пазарот.
Италијанскиот моден гигант Прада објави во април дека ќе го преземе Версаче од американската група Капри Холдингс. Новата модна група, која ќе ги обедини двете најголеми имиња во италијанската мода, треба да генерира годишни приходи од повеќе од шест милијарди евра, објави агенцијата АФП во тоа време.
Од 2018 година, Версаче е во сопственост на Капри, кој плати вкупно 1,83 милијарди евра за 80% удел на семејството Версаче и 20% од фондот БлекРок. Сепак, намалувањето на продажбата го принуди Капри да започне со продажба на брендот, а ексклузивните преговори со Прада започнаа кон крајот на февруари.
„Капри“, кој е сопственик и на модните брендови Џими Чу и Мајкл Корс, беше принуден да се согласи на продажба со попуст поради пазарните притисоци предизвикани од американските царини. Според „Фајненшл тајмс“, првично се очекуваше профитот од продажбата да биде 1,6 милијарди евра.
Големи промени во „Версаче“ беа објавени веќе во март, кога Донатела Версаче се повлече од функцијата креативен директор по повеќе од 30 години. Од 1997 година, таа е клучна во создавањето на идентитетот на брендот, наследувајќи ја визијата на основачот и убиениот брат Џани Версаче. Од април, Донатела е главен амбасадор на брендот.
(Investitor.me)
Фото