Вештачката интелигенција фундаментално ќе го промени вработувањето во речиси секоја индустрија, но повеќето луѓе сè уште можат да ги заштитат своите кариери – ако ги развијат вистинските вештини на време. Oва го тврди Џејми Дајмон, извршен директор на JPMorgan Chase, една од најмоќните банки во светот.
Вештачката интелигенција ќе укине некои работни места, но тоа не значи дека луѓето нема да имаат каде да работат, вели Дајмон.
„Вештачката интелигенција ќе елиминира работни места. Тоа не значи дека луѓето нема да имаат други работни места“, рече Дајмон во емисијата „Sunday Morning Futures“ на Fox News. „Мојот совет е: развијте критичко размислување, научете емоционална интелигенција (EQ), научете како да бидете добри на состаноци, како да комуницирате и како да пишувате. Ќе има работа.“
Неговите пораки доаѓаат во време на сè посериозно „отрезнување од страна на вештачката интелигенција“ на американскиот пазар на трудот. Некои аналитичари веќе го поврзуваат растот на невработеноста кај младите луѓе со забрзаната примена на алатките за вештачка интелигенција, додека директорот на компанијата Anthropic, Дарио Амодеи, уште во мај предупреди дека вештачката интелигенција би можела да уништи до половина од работните места во канцеларијата (работни места со бели јаки) во следните пет години.
„Вештачката интелигенција ќе ја промени буквално секоја работа“.Дајмон не е сам во овој став. Извршниот директор на Walmart, Даг Мекмилон, во интервју за Wall Street Journal изјави дека „сосема е јасно дека вештачката интелигенција ќе ја промени буквално секоја работа“.
„Можеби има работа што вештачката интелигенција нема да ја промени, но не можам да се сетам на една“, рече Мекмилон.
За Дajмон, клучот за опстанок лежи во таканаречените „меки вештини“ – оние што технологијата тешко може да ги замени. Уште порано, тој нагласи дека добрите лидери мора да знаат како да ги поставуваат вистинските прашања, да учат од конкурентите, клиентите и сопствените грешки.
„Ако немате реална слика за светот околу вас – што се менува и кои се новите идеи – на крајот ќе пропаднете“, рече Димон.
Критичкото размислување како валута на иднината
Сличен став делат и други технолошки и бизнис лидери. Директорот на Amazon Web Services, Мет Гарман, истакна дека критичкото размислување ќе биде клучна вештина во ерата на вештачката интелигенција.
Иако вештачката интелигенција може да извршува административни и технички задачи, истражувањата покажуваат дека таа сè уште не донесува нијансирани одлуки ниту го разбира поширокиот контекст. „Мора да бидете креативни, мора да можете да размислувате критички и мора да бидете флексибилни“, изјави Гарман за CNBC. „Способноста за учење нови работи и прилагодување ќе биде подеднакво важна како и секоја посебна вештина.“
Зошто комуникацијата и емоционалната интелигенција се поважни од кога било?
Експертите се согласуваат и за уште едно нешто: силните комуникациски вештини и емоционалната интелигенција стануваат клуч за успех во современата работна средина. Луѓето кои знаат како јасно да ги изразуваат идеите, да ги слушаат соговорниците и да градат односи, побрзо стекнуваат доверба и влијание.
Дури и само перцепцијата дека сте добар комуникатор може да ви помогне да бидете попријатни, поврзани и успешни на работа.
Како што објаснува Алисон Вуд Брукс, вонреден професор на Харвард, врвната комуникација не е во зборувањето – туку во слушањето.
„Успешните соговорници одат чекор подалеку од кимање со главата и воспоставување контакт со очите“, изјави Вуд Брукс за CNBC Make It. „Слушањето на нечиј одговор, а потоа поставувањето дополнително, внимателно прашање е речиси супермоќ – и изненадувачки малку луѓе го прават тоа. Треба јасно да ставите до знаење дека слушате.“
(Investitor)
Фото – Wikimedia.commons


