Македонија според индексот на среќа е најлошо рангирана земја во регионот, но најдобра според условите за водење бизнис и економските слободи. Во однос на индексите за слабост на државите, вредноста на пасошот, заканата од тероризам и корупцијата е рангирана во средината на листата, покажуваат податоците од неколку истражувања на меѓународни организации што ги сублимира „Слободна Европа“.
Македонија, според индексот на слабост на државите на Фондот за мир, е подобро рангирана од БиХ и Србија, а полоша од Црна Гора, Хрватска и Словенија. На ова рангирање, на кое пониско место значи полош рејтинг, Македонија е на 112 место, Босна и Херцеговина на 93, Србија на 107, Црна Гора на 130, Хрватска на 138 и Словенија на 162.
Во однос на вредноста на пасошот Македонија е повторно во средината на табелата меѓу земјите од регионот, односно е рангирана на 39 место. Од Македонија без визи може да се патува во 108 други земји. Најдобро рангирана е Словенија на 10 место бидејќи со нејзината патна исправа без виза може да се влезе во 150 земји и Хрватска која е на 14 место со чиј пасош без виза може да се влезе во 145 земји. Србија е на 35 место, а со нејзиниот пасош може да се влезе без виза во 114 земји, со црногорскиот пасош во 105 земји, со пасошот на БиХ во 101 земја, а со пасошот на Косово без виза може да се оди само во 41 земја.
По прашањето на глобалниот индекс на тероризам кој го составува Институтот за економија и мир, најлошо рангирани се Косово на 70 место и БиХ на 78, Македонија повторно е во средината на рангирањето меѓу земјите со 92 место. Црна Гора е на 122 место, Србија 126, а Словенија и Хрватска го делат 130-то место.
Според параметрите за леснотијата за водење бизнис кои ги изработила Светската банка за 190 земји, Македонија е најдобро рангирана од сите земји во регионот и се наоѓа на 11 место.
Словенија е 37, Косово на 40, Србија на 43, Хрватска 51, а Босна и Херцеговина е на 86 место.
Македонија е најдобро рангирана земја во регионот и во однос на економските слободи и се наоѓа на 31-во место од 180 земји. Според индексот на економски слободи пресметан од страна на WSJ Heritage foundation, Косово е на 56, Црна Гора на 83, Босна и Херцеговина на 92, Хрватска на 95, Словенија на 97, а Србија на 99 место.
Во однос на индексот на перцепција на корупцијата пресметан од Transparency International, од 176 земји Македонија е на 90 место, БиХ е на 83, Србија на 72, Црна Гора на 64, Хрватска на 55 и Словенија на 31 место.
Во однос на слободата на медиумите според Фридом Хаус од 199 земји Македонија е на 139 место, пред неа се останатите земји во регионот. БиХ е на 103, Србија на 98, Косово на 96, Црна Гора на 86, Хрватска на 76 и Словенија е најдоброрангирана на 33 место. По истото прашање Репортери без граници Македонија меѓу 180 земји ја рангира на 111 место, Црна Гора 106, Косово 82, Хрватска 74, Србија 66, БиХ 65 и Словенија 37 место.
Кога станува збор за глобалниот индекс на среќа, што го изготвил Earth Institute од 155 земји, Македонија е на 92 место, а пред неа се сите земји во регионот.
(МИА)