Во Бугарија ќе се произведуваат американски оклопни возила

- Advertisement -

Американската компанија IAG (International Armored Group – IAG), специјализирана за производство на оклопни возила, отвори фабрика во бугарскиот град Бургас, каде што ќе произведува борбени возила за пешадија, лесни оклопни возила и возила за вонредни ситуации.

Како што објави порталот Balkan Security Network, во капацитетите ќе бидат вработени околу 300 работници кога фабриката ќе го достигне својот полн капацитет.

- Advertisement -

Во фабриката, која е стратешки лоцирана во близина на големото товарно пристаниште во Бургас, на брегот на Црното Море, ќе се склопуваат возила и ќе се произведуваат оклопи, додека моторот, погонот и оружјето ќе се набавуваат од партнерски компании во светот.

Бугарската армија се подготвува да прими 174 оклопни возила „страјкер“ од американско производство. Државната компанија Терем Холдинг се подготвува да работи на поставување борбени потсистеми, оружје и опрема на бугарските „страјкер“ во 2025 година.

- Advertisement -

„Страјкерите“ и новата фабрика во Бургас го означуваат почетокот на целосното исфрлање на оклопните возила од советско производство од времето на Студената војна.

Сопственик на компанијата IAG е Антон Стефов, Американец со бугарско потекло, а седиштето на компанијата е во Обединетите Арапски Емирати. Компанијата е основана во Канада, но сопственикот подоцна го префрлил бизнисот во САД.

- Advertisement -

Од 1996 година IAG се занимава со производство на оклопни џипови, воени камиони, оклопни возила со висока вредност и оклопни амбулантни возила. Производствените капацитети се лоцирани во САД, Турција, Обединетите Арапски Емирати, а од оваа година и во Бугарија.

(Beta)

(фото: Wikimedia)

Сподели!
- Advertisement -