Патувањето со авион е еден од најбезбедните начини на транспорт, а шансите некој да загине во авионска несреќа се 1:11.000.000, но она што е помалку познато е дека шансите да се преживее авионска несреќа зависи и од изборот на седиштето во авион. Австралискиот експерт за воздухопловство и професор на Универзитетот во Централен Квинсленд, Даг Друри, откри за The Conversation дека стапката на смртност е 44% за патниците кои седат на седиштата во средината на авионот, во споредба со 28% за централните задни седишта.
Друри посочува дека седиштата на патеката насредина немаат штитник од едната страна, така што патникот најверојатно ќе биде погоден од предмети при удар. Патниците кои не можат да ги обезбедат најбезбедните седишта може да имаат подобра среќа да преживеат на централните седишта и прозорските седишта во средниот дел од авионот.
Сепак, шансите да умрете во авионска несреќа помалку зависат од местото каде што седите, а повеќе од околностите на несреќата, вели Друри. Воедно, уверува дека авионскиот превоз е најбезбедниот начин на транспорт.
Но, бидејќи навистина се случуваат авионски несреќи, Друри ги откри најдобрите и најлошите места за седење во авион. Како пример тој го искористи летот 323 на United, кој се урна во Сиукс Сити, Ајова (САД) во 1989 година. Во таа несреќа преживеале 184 од 269 патници, а повеќето седнале зад првата класа. Студијата на списанието Time, која опфаќа 35 години, покажа дека седиштата во задната третина од авионите сочинуваат 32% од жртвите, во споредба со 39% во средната третина и 38% во предната третина од авионите.
Според студијата на Универзитетот во Гринич, преживеаните од авионска несреќа кои седат во близина на излезите за итни случаи можат побрзо да излезат од авионот, што значи поверојатно е да се оддалечат од местото на несреќата.
Научниците открија дека седиштата до пет реда од излезот нудат подобри шанси за бегство во случај на пожар во авион. Меѓутоа, кога седите во шестиот или наредните редови од излезот, вашите шанси да умрете се многу поголеми отколку да преживеете, велат научниците. Истата цитирана студија покажува дека за седиштата на средината до патеката има само „маргинална“ разлика во шансите да се преживее авионска несреќа.
Научниците ги темелат резултатите на изјавите на 2.000 преживеани од 105 авионски несреќи ширум светот.
Кога станува збор за преживување на пожар во авион, патниците до патеката насредина имаат маргинално поголеми шанси за преживување, со 65%, во споредба со 58% за патниците од прозорецот. Патниците во предниот дел на авионот имаат 65% шанси да избегаат од огнот, додека оние во задниот дел имаат само 53% шанси.
Сите авиони мора да поминат тест за да се испразнат за 90 секунди. Во тестовите кабинскиот екипаж им помага на патниците при излегување. Сепак, експертите истакнуваат дека во експерименталните ситуации не се земаат предвид социјалните врски меѓу патниците. На пример, дека возрасните обично им помагаат на децата да избегаат пред нив. Излезите од авионот, исто така, може да бидат неупотребливи или блокирани, а некои членови на екипажот може и самите да загинат во несреќата.
Поверојатно е дека патниците во студијата за безбедност ќе ги следат упатствата на кабинскиот екипаж отколку во вистински итен случај. Во вистински итни случаи, каде што патниците можат да изберат на кои насоки да избегаат, тие може да завршат со игнорирање на наредбите на екипажот и да се обидат да го користат најблискиот излез, покажа студија од 2008 година.
(Daily Mail)
(фото: Flickr)