НАСА покрена нова иницијатива наречена LunaRecycle, која има за цел да најде иновативно решение за управување со отпад на потенцијална база на Месечината. Кој ќе успее да осмисли одржлив систем за отстранување или рециклирање на вселенскиот отпад – без да го врати на Земјата или да го запали – ќе биде награден со три милиони долари.
На Меѓународната вселенска станица (ISS) отпадот моментално се пакува во специјални кеси, се складира во вселенски летала, а потоа се враќа на Земјата или се согорува во атмосферата. Но, оваа практика не е можна на Месечината. Испраќањето вселенски бродови само за да се однесат остатоци од храна, стара облека или пакување не е ниту практично, ниту еколошки или економски одржливо.
Затоа НАСА сега бара „експерти за отпад“, односно научници, инженери и креативни умови кои можат да осмислат начини за рециклирање, користење или неутрализирање на отпадот – без да вратат ништо на Земјата или да го согорат.
И додека размислуваме за базите на месечината и вселенските колонии, често забораваме на едно многу едноставно, но важно прашање: кој ќе го извади ѓубрето?
За жал, проблемот со отпадот во вселената е веќе реален – и многу поблиску до Земјата. Кеслеровиот синдром, како што се нарекува теоријата развиена во 1978 година од страна на научниците Доналд Кеслер и Бартон Кур-Пале, предупредува на опасностите од сè погустиот вселенски сообраќај. Колку повеќе предмети испраќаме во орбитата – сателити, ракети, делови од авиони – толку е поголем ризикот од судир. А судирите создаваат уште повеќе остатоци, што доведува до верижна реакција на опасни судири – и уште повеќе ѓубре.
НАСА предупредува дека моментално има повеќе од 10.000 сателити и над 100 трилиони парчиња вселенски отпад во орбитата на Земјата. Доколку се случат посериозни судири, некои од последиците би биле: губење на интернетот, прекин на мобилната телефонија и телевизиските сигнали, па дури и тешкотија за следење на временските и климатските промени.
Ако не најдеме решение за управување со отпадот во орбитата, прашање е дали некогаш ќе успееме да одиме на Месечината – а камоли да ја претвориме во нова депонија.
(Bizlife)
(фото: Flickr)