Кинезите не сакаат да зависат од американскиот GPS и идната година после две децении развој ќе биде довршена нивната верзија на глобален навигациски систем. Beidou Navigation Satellite System во Кина е достапен уште од 2000 година, додека во Азиско-пацифичкиот регио почна да работи во 2012 година, а следниот чекор е глобална достапност. Тоа треба да биде овозможено некаде на средината на 2020 година.
Според одговорните за проектот, јадрото на Beidou е довршено на почетокот на декември, а наскоро ќе бидат лансирани последните два сателити потребни за глобална покриеност со нивниот систем, кој се состои од вкупно 35 сателити. Денес околу 70% од кинеските смартфони користат Beidou, а комплетирањето на системот со нетрпение го очекуваат и 120 партнери, кои ќе ја користат таа технологија во своите мапи.
Сопствената верзија на GPS за Кина значи економска стабилност и ширење на влијанието и е дел од амбициите на оваа најнаселена земја во светот, која во иднина сака да стане глобален лидер во вселената. Со Beidou, Кина повеќе нема да зависи од други земји, односно од САД, кои во случај на конфликти, несогласувања и слично можат да им го укинат или да го ограничат пристапот до GPS.
Исто така, развојот на кинескиот систам за навигација заедно со 5G мрежата која ја развиваат е голем предизвик за американската хегемонија над телекомуникациската инфраструктура. Навигацискиот систем во тандем со мрежната технологија од петтата генерација на Кина ќе и овозможат заземање поголем удел на пазарот за нови телекомуникациски услуги.