Вчера беа доделени годинешните награди за видео игри од страна на Британската академија за филмска и телевизиска уметност (БАФТА). Годишната прослава и оддавањето признание на најдобрите видео игри е еден од најпрестижните настани во гејминг индустријата. Доделувањето на наградите, поради здравствената криза, по втор пат беше емитувано онлајн.
За најдобра игра на годинешните БАФТА награди беше избрана играта „Hades“ на американското студио Supergiant Games. Акционата авантура со античка грчка тематика беше најголемиот победник годинава, земајќи вкупно пет награди. Петте златни маски се големо достигнување за Supergiant Games, независна компанија која брои тим од дваесетина развивачи на игри.
„Hades беше игра која многу луѓе ја играа долго време и се надевам дека им помогнала на некој начин и дека излегоа со траен позитивен впечаток како резултат на нивното време поминато со играта“, изјавил Амир Рао, директор и ко-основач на Supergiant Games, пренесе „Би-би-си“.
Она што беше забележливо е дека речиси половина од наградените на БАФТА се наслови кои се достапни исклучиво за конзолите на „Сони“. Така, помеѓу наградените се најдоа „Ghost of Tsushima“, „Sackboy: A Big Adventure“ и „Marvel’s Spider-Man: Miles Morales“, игри кои се есклузивни за Плејстејшн.
Освен прогласувањето на победниците, на церемонијата беше прославена и позитивната улога која игрите ја имале во зајакнувањето на менталното здравје на луѓето за време на пандемијата.
„Игрите и развивачите кои стојат позади нив, се докажаа дека се попотребни од кога било“;
„Во 2020 година, игрите нè поврзаа на начин што не беше можен пред една деценија“, беа дел од коментарите на домаќините на настанот.
Рекорден број номинации, вкупно 13, имаше „The Last of Us Part 2“, која на крај освои три награди, меѓу кои и наградата „Игра на годината избрана од страна на публиката“. И покрај полемиките и критиките за прекумерната употреба на насилство во играта, сепак заплетот на приказната и портретите на ликовите предизвикаа позитивни реакции од играчите и критичарите во гејминг индустријата. Лора Бејли, пак, ја доби наградата за „Изведувач во главна улога“.
Меѓу насловите со најмногу номинации, вкупно 10, беше и „Ghost of Tsushima“.
Целосна листа на наградите и наградените игри на БАФТА 2021:
Најдобра игра: Hades
Британска игра: Sackboy: A Big Adventure
Анимација: The Last of Us Part 2
Уметничко достигнување: Hades
Аудио достигнување: Ghost of Tsushima
Техничко достигнување: Dreams
Игра – дебитант: Carrion
Игра што се развива: Sea of Thieves
Семејна игра: Sackboy: A Big Adventure
Игра која е повеќе од забава (Game Beyond Entertainment): Animal Crossing: New Horizons
Дизајн на игра: Hades
Мултиплеер: Animal Crossing: New Horizons
Музика: Marvel’s Spider-Man: Miles Morales
Наратив: Hades
Авторска сопственост: Kentucky Route Zero: TV Edition
Изведувач во главна улога: Лора Бејли (The Last of Us Part 2)
Иведувач во споредна улога: Логан Канингам (Hades)
Игра на годината на ЕЕ (избрана од страна на публиката): The Last of Us Part 2
Фото: Supergiant Games
Извор – Мета