Условите за работа во американскиот гигант Amazon се нехумани, а платите се мали, тврдат вработените. „Без разговор со колегите, ниту време за одење во тоалет или на ручек; казни поради земање боледување: смени од десет и повеќе часа и сето тоа за помалку од 2.250 долари месечно“ би требало да пишува во огласите за работа во Amazon, изјавуваат вработените, пренесува Business Insider.
Според зборовите на вработените во Amazon, токму такви се нивните услови за работа затоа што за Amazon да може да ги достави со брзината со којашто го прави тоа, неговите вработени мора да го претрпат наведеното. Имено, новинарот Џејмс Бладворт работел во склад на компанијата и откако неговата приказна излезе на виделина, почнаа да се јавуваат и други вработени да раскажуваат што се преживуваат на работа.
„Работниците главно не земаат паузи за одење во тоалет поради страв да не ги исполнат нормите, па уринираат во шишиња за вода или корпи за ѓубре. Не сум посведочил сам на таков чин, но сум наишол на шишиња полни со урина, а одвратната смрдеа ме доведе и до корпите полни со ѓубре“ изјави новинарот.
Вработените во Amazon се опишани како „собирачи“. Имаат рачни скенери со кои детално се следи нивната работа, што во комбинација со безбедносните камери, проверките и кратките паузи доведува до тоа вработените да се чувствуваат како роботи.
Од Amazon, се разбира, ги одбиваат тие обвинувања и поплаки. „Amazon озбедедува сигурно и позитивно работно место за повеќе од половина милион луѓе со компетитивни плати и бенефити од првиот ден. Посветени сме на грижата за нашите вработени со достоинство и почитување. Не ги признаваме овие обвинувања како портрет на активностите во нашите згради”, изјави портпаролка на компанијата.
Сопственикот на Amazon, Џеф Безос, успеа да го симне Бил Гејтс од тронот и да стане најбогатиот човек во светот.