Египет долго време користи фосилни горива. Речиси 90% од електрицичната енергија се добива од нафта и природен гас. Освен тоа, земјата дава и субвенции за фосилни горива, па токму затоа тие се поевтина опција за 96 милиони жители. Но, владата на Египет планира да го смени курсот и да се стави на мапата на земји со чиста енергија со тоа што ќе го отвори најголемиот соларен парк во светот.
Паркот се вика Benban complex и се гради во западниот дел од пустината на Египет, а отворањето е планирано за идната година. Соларната фарма ќе се наоѓа на околу 640 километри јужно од Каиро. Изградбата чини 2,8 милијарди долари, а со произведената соларна енергија ќе се револуционизираат енергетските потреби на нацијата.
Светската здравствена организација неодамна го прогласи Каиро за најзагаден град на Земјата. Владата на Египет како одговор на тоа сака да ја преполови потрошувачката на природен гас и до 2025 година да задоволува барем 42% од потребите на жителите со обновливи извори. Инвестициите во чиста енергија во Египет по најавата за изградба на паркот се зголемени за речиси 500%, пишува Inhabitat.
Неколку земји му помагаат на Египет во оваа иницијатива, вклучувајќи ги и САД, кои помагаат за обуката на стотици вработени во локални технички школи во Египет. Со 30-те соларни централи во Benban complex ќе управуваат 4.000 вработени и ќе се генерираат околу 1,8 гигават-часови енергија.