Од компанијата Waymо, чија компанија мајка е Alphabet, најавија отворање на првата фабрика во светот која ќе биде 100% посветена на производство на автономни возила. Фабриката нема да се гради од нула, туку ќе биде обновен еден од постојните погони во Мичиген, но моментално не е позната точната локација. За обновата планирано е да се потрошат 13,6 милиони долари, а би требало да добијат и 8 милиони долари субвенции од државата Мичиген затоа што во фабриката ќе бидат вработени најмалку 100 луѓе, а има и потенцијал за вработување на вкупно 400 луѓе.
Портпаролот на Waymо потврди дека уште се во потрага по идеалната локација и веруваат дека фабриката може да ја отворат уште годинава. Waymo беше дел од Google, но сега заедно со Google е дел од компанијата-мајка Alphabet. Тоа е првата компанија во светот која стартуваше сопствен сервис за такси превоз кој користи автономни возила. Сервисот беше стартуван во Феникс минатата година и имаат намера да го прошират во други градови во САД, но тестирањето и ширењето ќе оди полека затоа што работат на усовршување на автономната технологија и не сакаат да брзаат затоа што само една грешка на автомобилите со кои управуваат компјутери може да биде трагична.
Со оглед на тоа дека сакаат да ја шират услугата и на други градови, ќе им бидат потребни нови автомобили, поради што и сакаат да отворат фабрика за да ги произведуваат. Во фабриката ќе се произведуваат возила со автономија од 4 степен и ќе се прават автономни верзии на „крајслер пацифик“ и на електричниот автомобил „јагуар I-PACE“. Waymo развива и хардвер и софтвер за автономно возење и ќе ги интегрира во новите автомобили.