Facebook планира да отвори кафулиња во Лондон и во Обединетото Кралство со цел да ја промовира приватноста на корисниците на нивните услуги. Секој што ќе влезе во кафулињата на Марк Цукерберг ќе може да направи бесплатна проверка на приватноста, односно дали споделува чувствителни информации на Интернет.
Првото такво привремено поп-ап кафуле ќе биде отворено во Лондон на 28 и 29 август, а такви локали ќе бидат отворени ширум Велика Британија, меѓу кои и во Единбург. „Нормално е да се грижите кој што може да види за вас на социјалните медиуми, но не секој знае што може да направи во врска со тоа. Токму затоа ние го олеснивме подесувањето на поставките за приватност на вашите профили. Во нашите поп-ап кафулиња ќе добиете помош и совети за менување на поставките за приватност и да испиете едно кафе“ велат од Facebook.
Претходно годинава Цукерберг зборуваше за нова визија за компанијата фокусирана на приватноста. Челникот на Facebook наиде на остри критики поради неговигте планови да се фокусира на социјална мрежа која ќе биде дизајнирана како тврдина на приватноста. Facebook сака да ги охрабри луѓето да водат енкриптирани разговори кои нема да може да ги прочитаат ниту од Facebook. Исто така, планираат да овозможат автоматско исчезнување на пораките, слично како на ривалот Snapchat.