Загрепската ИТ компанија Biss ќе ја памти 2020 година по порастот од 40% на приходите, но и како година кога нивните претходни проекти покажаа значителен успех додека истовремено настануваа нови.
Тие во 2019 година оствариле приходи поголеми од 11 милиони куни или 2,5 милиони повеќе од годината претходната. Компанијата зад себе има неколку успешни проекти, а еден од нив е системот за управување со пакети за достава, кој го користи DPD Швајцарија уште од 2017 година.
„Системот ја чита адресата која се наоѓа на пратката и ако забележи дека постои веројатност дека не е точна адресата, со одреден процент на точност ќе предложи нова адреса“, вели директорот Александар Радован, кој е горд на проширувањето на системот во Швајцарија.
Од неодамна работат на систем кој ги предвидува проблемите и застоите на автопатиштата, односно ја анализира статистиката од претходниот период, собира податоци за состојбата на патиштата, метеоролошките податоци, податоците на локалните тела за управување со патишта, а комбинира и податоци за движењето на мобилните уреди и автомобилите опремени со интернет.
„Сите тие параметри ни даваат доста јасни податоци за густината и движењето на сообраќајот. Ако системот врз база на тие податоци процени дека дошло до несреќа, а системот тоа може да го утврди многу побрзо од човек, веднаш се оди на потврда на проценката. На локацијата се испраќа дрон кој снима и тие информации ги проследува до центарот на локалното тело за управување со патишта. Така се одлучува за понатамошната постапка, а системот овозможува и предиктивна оптимизација на сообраќајот. Сега го тестираме тој модел на автопатиштата“ открива Радован.
За телеком компаниите, пак, развиле производ за анонимизација, односно технологија која овозможува неповратна анонимизација на личните податоци во реално време.
„Системот е целосно усогласен со GDPR. Корисникот на телеком компанијата може својот идентитет целосно да го избрише од системот. Постои интерес и од други индустрии да го имплементираат нашиот производ, а бидејќи телекомите се големи играчи на пазарот, тука сме во добра позиција“ додава тој.
(Poslovni Dnevnik)
(фото: Pxhere)