Социјалните мрежи ги користат 57% од жителите на Европската Унија на возраст од 16 до 74 години, покажуваат податоците на Европскиот завод за статистика (Еуростат), пренесува „Данас“.
Според нивните податоци, тоа е за три проценти повеќе од процентот на корисници на социјални мрежи во споредба со 2019 година.
Собирањето податоци за бројот на корисници на социјалните мрежи во Европската Унија започна во 2011 година, кога нивниот процент изнесуваше 36% од населението. Секоја наредна година, тој процент се зголемуваше.
Под употреба на социјалните мрежи во рамки на истражувањето на Еуростат се мисли на создавање сметки на мрежите, праќање пораки и објавување на разни содржини.
Истражувањето покажа дека Данска е земја каде најголем процент од населението на возраст од 16 до 74 години користи социјални мрежи, а дури 85% од нив создале сметка на некоја социјална мрежа. Данска предничи и во процентот на млади корисници на социјалните мрежи. Дури 97% од населението во земјата на возраст меѓу 16 и 24 години има корисничка сметка на некоја социјална мрежа.
Висок процент од населението во Белгија, исто така, користи социјални мрежи, дури 79% од нив, како и 78% од населението на Кипар, 75% од населението на Финска и 74% од Унгарците. Италија е единствената членка на Европската Унија во која помалку од 50% од населението користи социјални мрежи.
Извор – Радио МОФ
Фото – Wikimedia