Цената на горивата за потрошувачите може тројно да се зголеми, предупредува претседателот на германската Федерална агенција за мрежи, Клаус Милер.
Добивај вести на вибер
„ За оние кои сега добиваат сметки за парно, цените се веќе двојно повисоки – а последиците од украинската војна сè уште не се земени предвид“, изјави Милер за уредувачката мрежа на Германија (РНД), пренесува „Дојче веле“.
„ Од 2023 година, оние кои во моментов плаќаат 1.500 евра годишно ќе плаќаат 4.500 евра и повеќе“, рече Милер и нагласи дека тоа е апсолутно реално. Тој исто така додаде дека околу половина од гасните котли во Германија не се соодветно прилагодени. „ Со малку труд би можело да се постигне голем ефект на заштеда“ додаде тој.
На прашањето дали мисли дека повисоките трошоци за набавка на трговците со гас со посебната давачка ќе се префрлат на крајните потрошувачи, првиот човек на агенцијата за мрежа вели: „Тоа е политичка одлука која мора многу внимателно да се одмери. Друга варијанта би била да им се помогне на оние кои веќе не можат да си дозволат поскап гас“.
Во исто време, Милер истакна дека во случај на недостиг на гас, германската и европската правна ситуација предвидуваат дека приватните домаќинства ќе бидат заштитени до крај.
„ Дури и во најлош случај, Германија ќе добива гас од Норвешка и од терминалите во Белгија или Холандија, а наскоро и директно од терминалите на германскиот брег“ вели тој.
Со оглед на претстојната гасна криза, економијата и потрошувачите би можеле да се соочат со значителни мерки за заштеда на енергија. Нацрт-планот за вонредни ситуации на Европската комисија предвидува јавните згради, канцелариите и деловните објекти од есен да се загреваат до максимум 19 степени.
Сега постои значаен ризик Русија да ја намали испораката на гас за Европа оваа година. Компаниите кои не можат да го заменат гасот со друг извор на енергија треба да ја намалат потрошувачката, се вели во нацрт-планот на Европската комисија. Целта е да се заштитат оние индустрии кои се особено важни за синџирите на снабдување и конкурентноста. Домаќинствата исто така се охрабруваат доброволно да ја намалат потрошувачката. Постојните правила предвидуваат дека, на пример, домаќинствата и болниците ќе имаат приоритет во случај на недостиг на гас.
(Makfax)
(фото: Wikimedia)