Виното што го создава времето: Приказната за “Максимилијан”

- Advertisement -

Во мала винска соба, веднаш до семејниот дом на Ивица и Милена Златковиќ во селото Пепелиште, времето има сосема поинаков ритам. Некои шишиња вино одлежуваат во темнина, трпеливо чекајќи ја својата голема вечер, додека други веќе се точат во чашите на пријатели кои дошле „само на кратко“. Една од собите за гостите носи посебно значење – „Malena“, инспирирана од истоимениот филм, како и нивното розе вино, кое плени со својата нежност и елеганција. Внатре, ѕидовите шепотат приказни за нивниот прадедо кој правел буриња, за непредвидливи берби, за ноќи поминати со децата околу бурињата, и за љубовта што ја разлева секоја капка што излегува од винаријата „Максимилијан“.

Тука Ивица и Милена Златковиќ ја создадоа винаријата – не како обичен деловен потфат, туку како љубовна приказна вплетена во секое шише. Нивната винска авантура започна во мал, преадаптиран простор веднаш до нивниот семеен дом, но сега претставува олицетворение на нивната животна визија и филозофија.

- Advertisement -

Свесни се дека е повеќе од пијалак; тоа е приказна за времето, трудот и луѓето кои го создаваат. Токму такви приказни се плетат во секоја чаша што се точи во винаријата „Максимилијан“ – приказни за семејни вредности, за предизвиците на секојдневието и за љубовта кон животот. Разговорот со Ивица и Милена открива како оваа мала семејна винарија успеа да го заземе своето место во светот на македонските вина, комбинирајќи ја традицијата со модерните техники на производство, сето тоа со неизмерна љубов и посветеност.

Она што започна како семејна приказна, денес е инспиративно патување исполнето со страст, посветеност и силна желба да се зачува македонското винско наследство.

- Advertisement -

Новинарка | Љубица Ангелкова

Како се роди идејата за винаријата „Максимилијан“? Што беше пресудниот момент да се одлучите за оваа авантура?

- Advertisement -

Во тиквешкиот крај, виното не е само дел од традицијата – тоа е дел од животот, дел од секојдневните разговори, од семејните собири и свечености. Во нашето семејство, виното отсекогаш се правело со љубов и почит кон земјата и лозите што ги одгледуваме со генерации.

Станувајќи родители, почувствувавме потреба да создадеме сопствен простор за дружби, кој нема да го нарушува секојдневието на нашите деца, но ќе биде и место за уживање во вината кои самите ги произведувавме. Така, во куќа стара повеќе од 70 години, создадовме мала винска соба – скриено катче каде што настана вистинската магија.

Со текот на времето, се повеќе пријатели и љубители на виното го посетуваа нашиот дом. Особено во Ковид-периодот, кога луѓето бараа нови начини за социјализација, сфативме дека оваа љубов може да прерасне во нешто поголемо. Тоа беше моментот кога ја проширивме нашата визија – со нови простории за производство и одлежување, а во 2020 година винаријата официјално доби свој идентитет.

Од каде доаѓа името „Максимилијан“ и каква симболика има за вашето семејство?

Наместо да ја следиме традицијата и винаријата да го носи нашето презиме, одлучивме да ѝ дадеме лична нота – ја нарековме по нашиот син, Максимилијан. Името носи силна енергија, ретко е на овие простори и секогаш привлекува внимание. Верувавме дека токму тоа име ќе биде симбол на оригиналност и автентичност, исто како што сакаме нашето вино да биде препознатливо и незаборавно. Максимилијан за нас значи живот, иднина и надеж – сè она што сакаме да го пренесеме во секое шише што излегува од нашата винарија.

Како спортот и правењето на вино, две различни професии, се сплотија во оваа винска приказна?

На прв поглед, спортот и виното се светови со свои посебни правила и динамика, но и двата бараат дисциплина, посветеност и постојано усовршување – исто како и винарството. Спортот нè научи на трпение, на работа што не секогаш дава резултати веднаш, но кога ќе дојде вистинскиот момент – знаеш дека сè се исплатело. Виното, пак, нè научи дека секој ден е нова лекција и дека учењето е процес кој никогаш не завршува. Виното е токму тоа – баланс помеѓу дисциплината и креативноста, а ние ја користиме таа мудрост за да создадеме вина со карактер и приказна.

Кои сорти грозје ги одгледувате, и што ги прави вашите вина посебни?

Нашите лозја ги негуваме со посебна грижа и љубов, со верување дека квалитетот на грозјето е темелот на доброто вино. Од белите сорти одгледуваме Смедеревка и Рајнски ризлинг, додека од црвените се гордееме со Кабарне Франк и Вранец.

Кабарне Франкот е нашето прво вино и посебен предизвик, бидејќи оваа сорта е реткост во Македонија. Сепак, верувавме во нејзиниот потенцијал и ја негувавме со трпение. Резултатот е уникатно вино со карактеристична арома и посебен баланс на вкусови. Нашето вино е посебно затоа што секоја фаза, од лозјето до шишето, е под наша контрола, со многу љубов и внимание кон деталите.

Како традицијата и локалното наследство влијаат на вашето производство?

Во нашето семејство, традицијата на производство на вино се пренесува со генерации. Моите предци изработувале буриња и го усовршиле процесот на созревање на виното со минимални интервенции. Сепак, веруваме дека традицијата е основа, но модерната технологија е потребна за конзистентен квалитет. Денес, користиме иноксни садови за ферментација и дабови буриња за одлежување, со што успеваме да ја зачуваме автентичноста на вкусовите, но со префинетост и структура што одговара на современите вински трендови.

Вашата винарија нуди и можност за престој. Како ги замисливте вашите соби и што ги прави посебни за гостите?

Нашата идеја беше да создадеме простор што ќе нуди целосно винско доживување – од првата голтка, па сè до последните моменти на релаксација. Имаме три соби, секоја инспирирана од различни приказни, но најпознатата е собата „Malena“. Името е инспирирано од истоимениот филм, кој ја слави убавината, мистичноста и емоциите – сè она што го носи и нашето розе вино со истото име. Собата е уредена во топли, пастелни тонови, со вински детали кои создаваат романтична атмосфера и чувство на мир. Посетителите, особено странските гости, се воодушевени од концептот и уживаат во комбинацијата на традиционалното и модерното, додека дегустираат вино во интимна, инспиративна средина.

Како успевате како брачна двојка да го балансирате приватниот живот со винаријата?

Научивме дека успешната приказна се гради со взаемна поддршка и заедничка визија. Љубовта кон виното не’ држи сплотени, а работата во винаријата ни помага да се надополнуваме како тим, како партнери, но пред сè како семејство.

Кои се најголемите предизвици и најубавите моменти од вашата работа?

Работата со вино е работа со природа, што значи дека мора да бидеш трпелив и внимателен. Предизвикот е да се одржи квалитетот, но најголемата радост е кога посетителите се враќаат повторно, споделувајќи позитивни искуства.

Што можат посетителите да очекуваат кога ќе ја посетат винаријата „Максимилијан“?

Нашата винарија е повеќе од место за дегустација – тоа е доживување. Посетителите можат да уживаат во нашите вина, домашната атмосфера и внимателно подготвената локална храна. Имаме три апартмани уредени во рустикален стил, што овозможуваат подолг престој за оние кои сакаат да ја откријат убавината на овој регион.

Кои се идните планови за винаријата?

Нашата визија за следните пет години е да преминеме на органско производство и да развиеме дополнителни содржини за вински туризам, што ќе им овозможи на нашите гости подлабоко да ја искусат магијата на винскиот свет.

Кој е вашиот совет за семејствата кои сакаат да започнат заеднички бизнис?

Најважно е да бидете сигурни дека ја делите истата страст и визија. Само така ќе успеете да создадете нешто што ќе трае и ќе ве исполнува.

Ако вашето вино би било наслов на книга или филм, кој би бил тој наслов?

„Тајната на виновата лоза“ – бидејќи виното крие толку многу приказни во себе, а ние сакаме да ги откриваме чекор по чекор.

Како би го опишале духот на „Максимилијан“ во една реченица?

Нашата мала, рурална винска приказна, спој на љубов, традиција и иновација – создадена за оние што знаат да го ценат времето и виното.

Сподели!
- Advertisement -