Продажбата на автомобилите на американски Tesla во Европската унија падна за речиси 53% на годишно ниво во април на само 5.475 возила, според новите податоци за регистрација на возила објавени вчера од страна на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).
Ако ги анализираме податоците за поширокиот европски регион, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн, продажбата на Tesla падна за 49% на годишно ниво на вкупно 7.261 возило, пренесува CNBC.
Ова е четврти последователен месец во кој Tesla бележи пад на продажбата во Европската унија, откако забележа пад од 50% во јануари, пад од 47% во февруари и пад од 36% во март.
Наспрема тоа, пазарот на електрични возила во Европската унија продолжува да расте. Продажбата на електрични возила со батерии во ЕУ се зголеми за повеќе од 26% во првите четири месеци од 2025 година, додека хибридите пораснаа за речиси 21% и хибридите со plug-in за 7,8%, според ACEA.
Кинеските брендови полека го заземаат европскиот пазар. Производителот на автомобили BYD го надмина Tesla за прв пат во април во продажба на електрични возила со батерии (BEV) во Европа, и покрај повисоките тарифи на ЕУ, според неодамна објавените податоци од агенцијата за истражување на пазарот Jato Dynamics.
Tesla се соочува со ценовна конкуренција од кинеските брендови во Европа, како и негативен публицитет поради вмешаноста на Илон Маск во претседателската администрација на Доналд Трамп, што предизвика загриженост кај инвеститорите.
(Kamatica)
(фото: Flickr)