Денеска Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ Штип ги презентираше резултатите од проектот „Рециклиран филамент за 3Д принтање“ кој што се реализира преку програмата „Екосистем за еко-иновации и циркуларна економија на Западен Балкан“ (EICEE – Western Balkan Eco-Innovation and Circular Economy Ecosystem) – проект кофинансирана од Европската Унија и Владата на Црна Гора.
Клучен резултат од овој проект е иновација од областа на циркуларната економија – филамент за 3Д принтање добиен од рециклирана пластика.
Пред присутните гости беше претставен целокупниот пат на развој – од почетната идеја на почетокот на годината, до финалниот прототип на рециклиран филамент. Филаментот беше развиен во ИНО ФАБ ЛАБ, лабораторија за прототипирање на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје каде истражувачкиот тим преводен од професор д-р Игор Јорданов и младите истражувачки АнаМарија Цановска, Емилија Ицковска и Мила Ќурчинска кои заеднички успејаа со рециклирање на отпадна пластика да добијат производ со додадена вреднст – рециклиран филамент за 3Д принтање.

„Во овој проект влеговме со едноставна, но амбициозна цел – да докажеме дека пластичниот отпад може да стане нов ресурс и дека преку научен пристап, истражување и иновација може да се трансформира во производ со додадена вредност. Горди сме што денес го претставуваме првиот функционален рециклиран филамент за 3Д принтање. Тој не е само прототип, туку доказ дека рециклирањето има реална иднина и дека од отпад може да се создаваат иновативни и конкурентни материјали. Патот беше предизвикувачки и бараше месеци тестирања, експерименти и тимска работа, но вроди со плод кој ја става земјава на мапата на земји со реални производи во сегментот на кружна економија“, истакна координаторот на овој проект и лидер на истражувачкиот тим, проф. д-р Игор Јорданов од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.
Тој изрази благодарност до партнерите Пакомак и Нетцетера, кои ја препознаа вредноста на проектот и дадоа поддршка во сите фази на неговиот развој.
„Верувам дека производот има пазарен потенцијал и дека ова е само почеток. Македонија има капацитет да создава одржливи и модерни материјали и да биде дел од решението за почиста животна средина“, додаде тој.

Ико Брдароски, заменик извршен директор на Пакомак истакна дека ваквите иницијативи ја покажуваат важноста од соработка меѓу научните институции, индустријата и бизнис-секторот, особено кога се работи на решенија со значаен еколошки и економски потенцијал и ги охрабри младите да размислуваат за стартување бизнис во оваа насока.
Тимот најави дека работата ќе продолжи со дополнителни развојни активности со цел комерцијализација на производот, прв од ваков тип базиран на еколошки и циркуларни принципи.







