Технолошкиот гигант Apple стана првата компанија котирана на берза која достигна вредност од 1.000 милијарди долари. Акциите на технолошката компанија скокнаа за 2,7%, на историски максимум од 207,05 долари. Вредноста на акциите порасна по објавувањето на бизнис резултатите за вториот квартал од 2018 година, кои се подобри од очекуваните.
Агенцијата Reuters јавува дека со овој скок на цената, акциите на Apple имаат добивка од околу 9,0% почнувајќи од вторникот наваму, кога компанијата ги објави кварталните резултати и најави откуп на своите акции во вредност од 20 милијарди долари.
Денешниот максимум бепе практично незамислив во 1997 година, кога компанијата дојде на работ на банкрот, а со акциите се тргуваше по цена помала од 1 долар. Apple минатиот квартал продал 41,3 милиони телефони iPhone по просечна цена од 724 долари.
Како што пренесува CNN, иако некои мислат дека Apple треба да направи некој нов производ за да ги одржи профитот и продажбата, Apple достигна трилион долари вредност благодарение токму на продажбата на iPhone 8 и X, и тоа најмногу во Кина и Јапонија, како и на услугите од App Store.