Дизел горивото поскапува за два денари по литар, а цената на бензините останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат, односно остануваат 63,5 и 65 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе се продава за 51,5 денари за литар, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемува за 1,5 денари за литар и ќе чини 40 денари.
За 1,329 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 25,866 денари за килограм.
Со одлуката на РКЕ се врши зголемување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,83, односно за 2,8 отсто.
Како причина за зголемувањето на цените на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 5,19% повисоката просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 0,0001% повисокиот курс на доларот во однос на денарот.