Самит 100: Скопје вечерва ќе биде промовиран како „е-град“

- Advertisement -

Скопје вечерва ќе биде промовиран како „е-град“ во рамките на проектот „Едисон“, кој подразбира електрификација на регионот.

Ова беше најавено на„Самит 100“ за бизнис-лидери на Југоисточна Европа, на кој една од главните теми е токму овој проект.

Претседателот на управниот одбор на „Самит 100“ и генерален директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, нагласи дека е важно што во регионот почнува проектот за електрификација „Едисон“ и информира дека веќе се работи на тоа што побргу да се направат законски решенија што ќе го следат овој проект.

- Advertisement -

Потпретседателот на управниот одбор на „Самит 100“, Изток Селјак, најави дека во следните 10 години ќе се случи револуционерна промена од користењето фосилни на користење нефосилни горива. За таа цел е и, како што кажа, формирана платформата „Едисон“, која претендира да го претвори регионот во лабораторија на идната зелена мобилност.

– „Едисон“ веќе здружува 50 компании, универзитети и институти во Словенија, а сега се проширува и низ цела ЈИЕ, преку концептот „Едисон е-сити“, со лансирање инфраструктура на полначи за електрични зелени возила, зелени такси. Сакаме да ги поттикнеме и индустријата и производството да го искористат „Едисон“ за нови иновативни решенија и зелен коридор од Љубљана до Скопје, Приштина и до Тирана во должина од 1.400 километри – изјави Селјак.

- Advertisement -

Во имплементацијата на проектите на располагање се фондовите од Европската Унија кои, како што беше кажано на самитот, малку се искористени и потребна е поголема апсорпциона моќ за нив.

Во однос на формирањето заедничка транспортна заедница, Мукаетов рече дека е потребна хармонизација на одредени законски решенија во регионот за да нема застој на границите како за протек на стока, така и на луѓе. Тој додаде дека на тој начин компаниите ќе можат да го обезбедуваат кадарот што им недостига од регионот.

- Advertisement -

Бизнисмените забележаа дека поврзаноста на регионот уште не е инфраструктурно комплетна, посочувајќи дека нема авионска линија до Подгорица и до Сарево, до кои се патува од 10 до 12 часа.

(Извор- Мета)

Сподели!
- Advertisement -