Иселениците мислат дека Бахреин, Костарика и Мексико се најдобрите земји по стандардот на живеење за странци во светот моментално. Новите истражувања покажаа дека репутацијата на Велика Британија и САД како добри места за живеење опадна
Бахреин се искачи на врвот на листата од 19. место од минатата година бидејќи иселениците изјавија дека навикнувањето на условите за живот во оваа островска нација од Блискиот Исток е лесно. Друга причина која го олеснува животот на иселениците кои дошле во Бахреин е тоа што не мораат да го учат локалниот јазик за да се снаоѓаат.
Како странец пак во Костарика, лесно е да се создадат нови пријатели, според она што го откри истражувањето. Речиси еден од пет (19%) испитаници велат дека нивниот социјален круг главно се состои од луѓе по потекло од Костарика, а речиси две третини (63%) велат дека се пријатели со локалното население, како и со иселениците.
Иселениците, исто така, сметаат дека е лесно да се населат и во Мексико и сметаат дека имаат добра вредност за парите таму.
Сепак, за САД и Велика Британија, сликата не е толку розова. Во 2014 година, САД беше на 5. место, сега пак е на 43. Во 2014 година, Велика Британија беше рангирана на 21. место, а сега, три години подоцна, таа е на 54.
Годишната анкета на The Expat Insider вклучи 12.500 иселеници од 166 националности кои требаше да ги рангираат своите земји-домаќини на повеќе теми, вклучувајќи го и семејниот живот и финансиите. Резултатите од анкетата покажуваат дека Брексит и американските избори во 2016 година негативно влијаеле на начинот на којшто иселениците ги гледаат двете земји.
Пред Брексит, 77% од испитаниците сметале дека Велика Британија е политички стабилна. Во последното истражување, таа бројка се намали на само 47%. Само половина од иселениците сметаат дека Велика Британија има добар однос кон странските жители.
САД, исто така, паднаа во проценката на иселениците кога станува збор за политичката стабилност. Тие сметаат дека детската грижа и здравствената заштита во САД и домувањето во Велика Британија се скапи.
Четири години по ред, на крајот на ранг листата се наоѓаат Кувајт и Грција. Половина од испитаниците изјавиле дека нивниот приход во Грција не е доволен за покривање на нивните животни трошоци. Во Кувајт, недостатокот на слободни можности и ниската лична среќа се причините позади ниското рангирање на земјата.
Финска се најде на врвот во категоријата политички стабилна држава, додека Швајцарија се рангираше на прво место за безбедност и сигурност.
Иселениците се познати по меѓусебното дружење во странските држави каде живеат, но тоа не е секогаш случајот. Иселеници во Бразил, Аргентина и Украина велат дека нивните пријатели се претежно локални жители, додека пак спротивното се однесува за Катар, Луксембург и Кувајт.
Минатата година првите места на листата ги држеа Тајван, Малта и Еквадор. Низ светот има околу 56 милиони иселеници. Во студијата испитаниците беа прашани за причините за нивното иселување во странска држава – кариерата, љубовта и авантурата се меѓу најчестите одговори.
Еве ги другите рангирани земји:
(World Economic Forum)