Виктор Нелепа e главeн извршен директор на „D-idea Media”, компанија која помага во развојот на Дубаи како паметен град и придонесува за напредокот на технолошката и маркетинг индустријата воопшто. За smart технологиите и неговото учество на Самит “Македонија 2025“ на 1 и 2 ноември во Скопје
Нелепа е Македонец по потекло кој својата кариера ја започнал како меѓународен транспортен менаџер за германска компанија за набавка на прехранбени производи (Supreme). Во 2006-та година ја напушта Supreme и да отвора своја авио-компанија „PME international“, со партнерот Кент Џенкинс. Закупиле хеликоптер и со него вршеле транспорт низ целиот свет, од Папуа Нова Гвинеја до Перу, а под нивна закрила бел и најголемиот транспортен хеликоптер MI26 за Австралиските одбранбени сили.
„По 10 години работење и огромниот стрес што доаѓа од водењето на широко распространет бизнис од таков обем, решив да се насочам кон нецелосно искористениот потенцијал на пазарот на паметната технологија. „D-idea Media“ и „Smart Palm Project“ ги основав за да помогнам во развојот на Дубаи како паметен град и да придонесам за напредокот на технолошката и маркетинг индустријата воопшто“, вели Нелепа за Иновативност во пресрет на Самитот кој на 1 и 2 ноември во Скопје го организира„ Македонија 2025“.
(Разговараше- Верица Јорданова)
-
Зошто токму Дубаи е седиште на Вашата компанија која се занимава со развој на паметни технологии?
Пред сè поради тоа што Дубаи претставува пазар во подем. Кога неговото Величество, Шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум изјави дека Дубаи има за цел да стане паметен град, тоа беше огромна шанса за нас. Освен тоа, таму и живеам. Конкурентноста во технолошката индустрија во Дубаи е мошне висока, но ние не бегаме од тоа, напротив ги прифаќаме таквите услови.
-
Што всушност е Smart-Palm, како функционира и освен во Дубаи во кои други градови/држави истата е инсталирана?
Концептот „паметна палма“ (Smart Palm) претставува самоодржлива, модерена „палма“ за наполнување, со комплементарен безжичен пристап до Интернет, која е навистина лесна за користење. Дизјанот го изработивме со намера да го подобриме јавниот пристап до паметните технологии, кои озвозможуваат брза и лесна достапност до информации за сите, истовремено применувајќи ја културата на одржливост. Во склоп на паметните палми има информативни екрани на допир, рутери за безжичен интернет, прекинувачи за полнење телефони, простор за рекламни банери, како и дел за удобно седење на корисниците. Паметните палми исто така имаат опција за брендирање, при што компаниите може да одлучат дали целата палма ќе биде прилагодена кон дизајнот на нивниот производ и брендирана со нивното лого. Досега, паметните палми се инсталирани само во Дубаи, но во последна фаза сме од преговорите за нивно инсталирање во Јужна Африка, Намибија, Кувајт и Саудиска Арабија. Дополнителни 60 земји од светот, се заинтересирани за нашиот производ, а целта за 2018-та е секако да ја искористиме таа шанса и да растеме на глобално ниво.
-
Како ги следите светските иновативни трендови и како држите чекор со овој високо-конкурентен свет?
Тоа го постигнуваме преку постојано истражување и оставање простор за подобрување и применување на новите технологии и апликации во нашите производи. Држејќи чекор со последните трендови, се информираме како истите подобро да ги примениме во нашите производи и да ги направиме попривлечни за потрошувачите.
-
Дали ја следите македонската стартап и иновативна сцена? Гледате ли напредок кај истата?
Во последните 15 години живеев во Дубаи и немав можност да го следам развојот на македонските стартапи, токму затоа ми е драго што ќе бидам дел од Самитот на Македонија2025, каде ќе имам прилика да го споделам моето искуство со младите и надежни македонски претприемачи.
-
Концептот smart cities е еден од најактуелните во денешно време. Растечките градови, зголемената побарувачка на енергија и големата консумација на енергија ја наметнуваат потребата од барање на т.н. паметни и енергетски ефикасни решенија. Развива ли Вашата компанија други проекти во оваа насока?
Да. Веќе имаме други два завршени проекти (Smart Changing Rooms and Smart Wind Poles), кои беа претставени во јуни 2017 и го овозможија првото ноќно пливање на плажите во Дубаи. Овие проекти беа спроведени во соработка со општината Дубаи и по успешното отворање и позитивните реакции од јавноста, сега се подготвуваме за што повеќе плажи во Дубаи да имаат таква технологија. Паметната бандера висока 12 метри користи соларна и енергија од ветер за производство на електрична енергија и осветлување на брегот, морето и плажите, што пак овозможува безбедно ноќно пливање. Исто така, имаме и други 15 концепти во фаза на дизајн, како: Smart Turtle, Smart Solar Restaurant, Smart Parking, Smart Police Cabin, Smart Cabanas, Sunbeds and Umbrellas, Smart Garbage Bins итн.
-
Дали досега вашата компанија соработувала со компании/институции во Македонија и доколку не, дали планирате?
Досега немаме соработувано со македонски компании/ институции, но во иднина би сакале да соработуваме не само со компаниите од Македонија, туку и со компании од целиот свет.
-
На која тема ќе зборувате на Самитот во Скопје и како гледате на овој настан кој во Скопје ја собира бизнис елитата на разговори и дебати на актуелни теми?
Ова е прва година како учествувам на настанот и би сакал да ги споделам моите искуства и гледишта за градење успешен стартап, со што се надевам ќе ги инспирирам младите претприемачи во Македонија. Убеден сум дека ваквите Самити, каде се среќаваат многу успешни претприемачи со докажана експертиза и знаење, претставуваат придобивка за сите и навистина сум оптимистичен за целиот настан.