Недостигот од вода за пиење не ги засега само сушните земји – и земји кои се во тропски области немаат доволно свежа вода за пиење. Студенти од Националниот универзитет Ченг Кунг од Тајван го решаваат тој проблем со својот изум AQUAIR, преносен уред за собирање на маглата од воздухот и правење вода. Дизајниран е да се користи во изолирани планински региони во тропски области и лесно се склопува.
Функционалниот прототип на системот за собирање вода AQUAIR студентите го направија по кризата со вода во Хондурас. Како втора најсиромашна нација во Централна Америка, во Хондурас има многу фармери и рурални заедници кои немаат чиста вода за пиење поради сушите и загадувањето на почвата, а со слични проблеми се соочува и татковината на иноваторите – Тајван.
Како и повеќето системот за ловење на маглата AQUAIR ја собира водата преку мрежеста водоотпорна ткаенина поставена на структура од бамбус за што поголем проток на воздух. Најбитниот дел од дизајнот на AQUAIR е малиот вентилатор. На средината е поставен тег од 30 килограми. Структурата може да се склопи со раце, додека за постабилна структура може да се употребат камења или бамбуси од околината.
Студентите планираат прототипот да го однесат во Хондурас во фебруари идната година и да работат заедно со локалното население.
„Ние сакаме проектот да биде лесен за склопување за локалните жители да можат лесно да направат свои верзии на AQUAIR. Не сакаме да користиме 3Д печатени делови затоа што тие материјали не се доволно цврсти, па најдобрата и најевтината опција е да се направи калап и да се употреби техника за правење пластика“ велат студентите.
AQUAIR неодамна ја освои наградата Design Mark за иновации за еколошки и хуманитарни проблеми како дел од 2017 Golden Pin Concept Design Award.
(Inhabitat)