Графенот е чудо од материјал. Составен е од карбонски атоми и веќе се користи во производи како шлемови, микрофони и сијалици. Сега си го пронајде патот и во модната индустрија. Истражувачи направија чевли од графен кои имаат друга намена освен примарната – создадени се да ви ги разладуваат нозете.
Една од најдобрите особини на графенот е тоа што добро спроведува топлина. Имајќи го тоа на ум истражувачи од Италијанскиот институт за технологија заедно со производителот на чевли Fadel работеа на изработка на ѓон од графен. Поточно, тие додадоа мала количина графен во полиуретанот од кој најчесто се прават ѓоновите. Ситните парчиња графен се добиени со процес познат како ексфолијација во течна состојба.
Иако новите ѓонови содржат само 1% графен, тоа се уште е доволно за да се подобри испуштањето топлина за 50%. Иновативните чевли за прв пат беа претставени на Меѓународната изложба на обувки во Милано. Fadel ја патентираше технологијата за Freshoes.
(New Atlas)