Многу научници во текот на последната година повеќе пати предупредуваа на опасноста од таканаречените роботи убијци, односно уреди како дронови и роботи кои се дизајнирани за војни. Со нив управува вештачка интелигенција и можат сами да одлучуваат за метите на напад. Ако полицијата и војската во иднина навистина почнат да користат вакви уреди и роботи, а некои земји веќе развиваат такви, тоа значи дека роботите и вештачката интелигенција ќе носат одлуки за тоа кој ќе живее, а кој ќе умре и можеме само да замислиме што може да се случи ако тие роботи преземат контрола.
Пред неколку месеци голем број научници и експерти на полето на вештачката интелигенција и роботиката потпишаа петиција со која бараат забрана за развој на вакви роботи, а оваа недела научници од Австралија и од Канада испратија отворено писмо до премиерите и владите на двете земји, наведува Mashable. Во него тие бараат заземање цврст глобален став против наоружувањето на вештачката интелигенција. Исто така, од владите на тие земји бараат соработка со останатите земји за постигнување нов меѓудржавен договор за забрана за развој, односно користење автономни воени системи на сличен начин како што во 1970 година беше потпишан договор за нуклеарно оружје. Од двете држави се бара и заземање позиција на морални лидери во спречувањето на новата револуција во војувањето каде што главна улога повеќе нема да имаат луѓето туку вештачката интелигенција.
Двете петиции, односно писма во рок неколку месеци се потпишани од повеќе од 300 научници и експерти за роботика и вештачка интелигенција. Тие изразуваат загриженост за автономните системи, дроновите и роботите кои моментални ги развиваат војските на некои од најголемите земји во светот, а над кои луѓето нема да имаат контрола. Тие порачуваат дека додека луѓето се свесни која морална црта не смее да се премине во текот ан војните и судирите, вештачката интелигенција веројатно нема да има таква свесност и нејзините акции може да бидат катастрофални и погубни можеби за целиот човечки род.