Ништо не ви ја намалува продуктивноста повеќе од лошите навики. Лошите навики ве забавуваат, ви ја намалуваат прецизноста, ве прават помалку креативни и влијаат лошо на вашите перформанси.
Да се воспостави контрола врз лошите навики е клучно, и тоа не само поради продуктивноста. Некои лоши навики предизвикуваат штета повеќе од други, а овие девет кои следуваат се дефинитивно најлошите.
Одвикнувањето од овие нешта ќе ви ја зголеми продуктивноста и ќе ви дозволи да уживате во позитивното расположение кое доаѓа со зголемената самоконтрола.
1. Импулсивно сурфање на Интернет
Потребни се 15 минути фокусирање пред целосно да навлезете во задачата. Откако тоа ќе се случи, ќе навлезете во еуфорична состојба на зголемена продуктивност наречена тек. Истражувањата покажуваат дека луѓето во ваков продуктивен тек се пет пати попродуктивни отколку што би биле инаку.
Кога кликате постојано по Интернет или по социјалните мрежи, тоа ве одвлекува од ваквиот тек. Тоа значи дека ќе треба одновно и одново да минувате преку тие 15 минути на фокусирање за да влезете во продуктивниот тек. Ако продолжите вака и го правите ова на секој час, ќе го минете целиот ден без да завршите една значајна задача.
2. Перфекционизам
Авторите, на пример, минуваат часови смислувајќи приказни и градејќи ликови, а некогаш пишуваат страници и страници кои на крајот не ги ставаат во книгата. Ова го прават бидејќи знаат дека на идеите им треба време за да се развијат. Многупати кога започнуваме нова задача знаеме да застанеме и да се замислиме, а тоа е бидејќи сме свесни дека првиот обид нема да е совршен.
Но, како би започнале да работите нешто доколку не им дадете време на идеите да ви дојдат? Авторката Џоди Пико даде една совршена мисла за тоа како да го одбегнувате перфекционизмот: „Лошата страница можете да ја уредите, она што не можете да го уредите е празната страница.“
3. Состаноци
Состаноците знаат да одземаат време како ништо друго. Супер продуктивните луѓе одбегнуваат состаноци секогаш кога можат. Она што помага е поставување на строга агенда за тоа кога треба да се дискутира за работата со тимот. Ова ќе постави и чиста граница која ќе ги мотивира и останатите да бидат пофокусирани и ефикасни.
4. Одговарање на мејлови веднаш кога ќе пристигнат
Продуктивните луѓе не дозволуваат меиловите постојано да ги прекинуваат. Освен што можете одредите време од вашата агенда кога ќе ги проверувате меиловите, можете да поставите и звучни известувања за тоа кои меилови ви се важни и го бараат вашето внимание веднаш. Некои луѓе исто така поставуваат и автоматски одговор во часови кога се посветени на работните задачи.
5. Одложување на алармот
Кога спиете, вашиот мозок поминува низ циклуси од кои последниот ви создава чувство за тоа кога доаѓа време за будење. Поради ова некогаш може да ви се случи да се разбудите и пред вашиот аларм да почне да ѕвони – вашиот мозок веќе научил кога е време да се разбудите.
Ако постојано го користите snooze копчето и заспивате одново, го губите тоа чувство и се будите подоцна, и тоа уморни. Најлошото е тоа што за овој умор некогаш ви се потребни часови за да го надминете. Без разлика колку мислете дека сте уморни, натерајте се самите да станете од креветот откако ќе ви ѕвони алармот доколку сакате да имате продуктивно утро.
6. Вршење повеќе задачи истовремено…
…или уште познато како мултитаскинг, може да биде вистински убиец на продуктивноста. Истражувања од Универзитетот Стенфорд покажале дека мултитаскингот е помалку продуктивен отколку завршувањето на една задача поединечно. Луѓето кои постојано се обидуваат да се фокусираат на повеќе нешта, губат способност за посветување на внимание и губат сеќавање.
Кога се обидувате да завршите две работи истовремено, на вашиот мозок му недостасува капацитет за да ги заврши и двете нешта успешно.
7. Одложување на тешките задачи
Имаме ограничена количина на ментална енергија и како што ја трошиме, нашата способност за носење одлуки и продуктивноста се намалуваат. Ова се вика замор за носење одлуки. Кога ги одложувате тешките задачи за подоцна во денот, тогаш ги оставате за период кога сте најуморни. За да не дојдете до овој замор, завршувајте ги најтешките задачи наутро кога умот ви е најмногу свеж.
8. Користење телефон, таблет или компјутер во кревет
Ова е една од најлошите навики за која луѓето не се свесни дека носи штета по сонот и продуктивноста. Сината светлина која доаѓа од екраните има важна улога во вашето расположение, ниво на енергија и квалитет на сонот. Кога очите ви се директно изложени на сината светлина, таа предизвикува намалено лачење на хормонот кој поттикнува сон, мелатонин. Попладне, кога сончевите зраци ја губат сината светлина, телото започнува полека да лачи мелатонин за да можете да заспиете во вечерните часови.
Лошиот сон има ужасно влијание на продуктивноста. Најдоброто нешто што можете да го направите е да ја намалите употребата на овие уреди после вечерата за да си овозможите добар сон.
9. Консумирање премногу шеќер
Гликозата функционира како „педало за гас“ за енергија во нашиот мозок. Гликозата ви е потребна за да се концентрирате на важни задачи. Со многу малку гликоза се чувствувате уморно, нефокусирано и бавно, но и со премногу гликоза ќе ви биде тешко фокусирањето. Истражувања покажале дека најдобрата доза е околу 25 грама гликоза, но зависи и од тоа во каков вид ќе го внесете шеќерот.
Газираните пијалаци, крофни, чоколада и слично содржат рафиниран шеќер кој ќе ви даде енергија за околу 20 минути. Од друга страна, пак, овесните снегулки, кафеавиот ориз и други видови храна со комплекси јаглехидрати ќе ја испуштаат енергијата полека и ќе ви овозможи да се фокусирате подолг период.
Некои од овие лоши навики се можеби мали, но се дополнуваат една со друга. Но, важно е да се обидете да го ублажите влијанието од секоја бидејќи најлошата навика од сите е да излезете од текот на она што навистина ви значи.