„Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат секој четврток и обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење
Пред некоја година, во еден весник имаше изјави од повеќе луѓе за тоа кои се нашите прогнози околу економските случувања за следната година. Меѓу другите испитаници, јас одговорив – „што сме правеле претходно ќе се одрази на она што ќе следува. Ако не сме мрднале со прст денес, не може да очекуваме дека нешто ќе се промени утре. Така што, резултатот (последиците) од сè што сме направиле или правиме во моментот на макроекономско ниво, ќе се одрази во иднина и ќе биде рефлексија на работата во минатото“.
Истото важи и за лично, индивидуално ниво. Од мое искуство, досега не сум почувствувал некоја драматична промена кај мене доколку 10 или 100 луѓе ми посакаат среќа, успех, пари, здравје или нешто друго пред Нова година. Промените што ми се случиле (на тие полиња), најмногу сум ги направил сам и сам сум влијаел на случувањата и на резултатите.
Ако сакаме Новата година да ни биде навистина „нова”, ќе мора нешто да промениме од старото!
Енергијата и позитивните мисли од опкружувањето се многу важни како наша поддршка во реализација на нашите планови, но најголем дел од успехот зависи од самите нас. Затоа, покрај среќа, успех, пари и здравје, во Новата година ви посакувам да бидете луѓе од акција, луѓе што прават промени, што ги преземаат работите во свои раце и се инспирација за другите.
Среќна Нова година, среќни празници и со успех во промените,
Се читаме следната година,
Петар Лазаров
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг