Македонскиот стартап When in X нуди уникатна понуда за туристите во Македонија!

- Advertisement -

 „Плановите ни се до крајот на 2018 година да имаме одлична база на понудувачи и корисници на услугите на Балканот, како и постојан раст на корисниците од сите делови на Европа и светот“, вели Кузмановски

When In X е на сериозен пат да ја промени туристичката слика за Македонија. Иновативната апликација нуди извонредни можности за секој турист да ги запознае и најскриените делови од земјата и да ужива во нивната убавина. Дали е тоа јавање коњи во Маврово, параглајдинг, набљудување птици во Демир Капија или забавување во скопските клубови, When In X, за секого нуди по нешто, а понудата постојано се проширува. По успешниот настап на најголемата конференција за технологија, иновации и маркетинг Web Summit во Лисабон оваа година, македонскиот стартап беше избран меѓу победниците на Madeira Startup Retreat, каде во период од 8 недели ќе учествува на настанот посветен на компаниите кои се занимаваат со иновации во делот на туризмот и патувањата.

Антонио Кузмановски, креатор на апликацијата, за „Иновативност“ раскажува како се роди идејата да го промовираат алтернативниот туризам во нашата земја и да ги поврзат туристите и локалните водичи. Плановите на македонскиот стартап се големи, колку што е голем светскиот туристички пазар.

- Advertisement -

 (Автор – Сања Наумовска)

  • When In X е апликација што ги поврзува туристите со локалните атракции, поточно со локалните водичи. Како правите избор што ќе се најде во понудата на When In X?

When in X е слободен пазар каде секој, којшто има идеја за интересна тура, може да ги понуди своите услуги за домашните и странските туристи. Секако, понудувачот треба да помине низ едноставна процедура за комплетирање на својот профил, за да се потврди неговата автентичност, со што се избегнува објавување на лажни профили и тури, а дополнително ги проверуваме и турите со цел да обезбедиме најдобра понуда за сите идни истражувачи и авантуристи. Во секој случај, локалците се оние коишто ќе одлучат што е она што е најинтересно да го понудат од својот град, а туристите со своите барања за уникатни авантури само ќе ја зголемат нивната желба за разновидност на понудата.

- Advertisement -
  • Од каде доаѓа идејата да се поттикне алтернативниот туризам, дали вам лично ви недостасуваше ваков вид туристичка понуда кај нас?

Кај нас воопшто не недостасува понуда на алтернативен туризам, токму напротив. Ние се запознавме со многу млади луѓе, кои имаа идеи за понудување на уникатни тури низ нашата држава, па една од причините од каде произлезе оваа идеја беше да се поврзат сите тие со оние кои би ги побарале нивните услуги, како и да се соберат сите вакви алтернативни тури на едно место, за и самите локалци да можат да се запознаат со убавините на својата држава.

- Advertisement -
  • Туристите можат да уживаат различни културни настани, јавање коњи, возење велосипед, планинарење, прошетка низ Скопје…, што е најинтересно и најбарано досега?

На “When In X” има доста интересни тури, но многу од нив зависат од сезоната, овој период од годината актуелни се урбани тури низ Скопје, дегустации, бар кролинг итн. Во процес сме на обработка и на зимиски тури во регионалните зимски центри. Ако погледенеме од почетокот на лансирањето, до сега, според нашата статистика, највеќе интерес предизвика турите кои беа вклучени за време на outdoor фестивалот во Крушево – “When in Krusevo”. Тоа беше настан кој се одржа на наша иницијатива во текот на летото, и самото пријавување се одвиваше преку апликацијата. Се одржаа тури за планинарење, планински велосипедизам и тандем параглајдинг. Особено возбудливо беше искуството за тандем параглајдинг, овозможено од Игор Тодески, човек кој е еден од најдобрите параглајдеристи во Европа.

  • Ќе ја збогатувате ли понудата, кој се може да биде домаќин (host), треба ли да исполни некои услови ?

Се надеваме дека понудата ќе се збогатува постојано, како што ќе расте и бројот на корисници. Со самото тоа ќе се поттикнат и домашните понудувачи да наоѓаат разни начини како да ги анимираат странските и домашните туристи и да им нудат уникатни локални искуства. Хост може да стане секој оној кој има идеја и желба да го пренесе својот авантуристички дух, а условите зависат од она што го нуди – за да понудите pub crawl тура низ градот треба само желба за добра забава, додека за јавање на коњи на Галичник треба да имате посериозна организација и услови.

  • Кој покажува поголем интерес, домашните или странските  туристи?

Сега за сега, интересот е изедначен. Многу од домашните туристи воопшто не ни знаеле какви сѐ можности може да имаат за алтернативен туризам во Македонија, па интересот кај нив е голем, додека странците секогаш бараат локално искуство кое ќе го направи нивното патување незаборавно. Па, може да кажеме дека во иднина очекуваме овој тренд да продолжи и сѐ повеќе луѓе во нашата држава да ги користат турите, но и да стануваат и самите понудувачи на интересни тури преку апликацијата.

  • Идејата ви е да ги проширите границите низ целиот Балкан. Кога и како ќе се реализира?

Во моментов сме фокусирани на нашиот престој во Мадеира, Португалија каде бевме избрани меѓу победниците за стартапи во областа на туризмот. Таму ќе бидеме на почетокот на идната година, па потоа ќе се вратиме со свежи идеи за освојување, не само на Балканот, туку и на цела Европа. Плановите ни се до крајот на 2018 година да имаме одлична база на понудувачи и корисници на услугите на Балканот, како и постојан раст на корисниците од сите делови на Европа и светот. Па, се надеваме дека во овој период идната година ќе можеме веќе да разговараме за многу посериозни планови за освојување и на американскиот пазар.

Сподели!
- Advertisement -