Нова станица за мерење на квалитетот на воздухот од денеска е пуштена во употреба во Кавадарци, јави МИА.
Од Службата за односи со јавноста при општината информираа дека ова е првата од трите мерни станици кои по потпишаниот меморандум за соработка со локалната самоуправа, неодамна ги најавија од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Мерната станица е во строгиот центар, на плоштадот, до општинската зграда.
„Останатите две мерни станици ќе бидат поставени на почетокот од новата година. Едната ќе биде поставена во Ваташа, а втората во новиот центар.“, соопштија од Службата за информирање.
Во досегашниот период, Кавадарци имаше само една мерна станица. Со поставувањето на нови три мерни станици, целта е да се утврдат вистинските загадувачи на воздухот во градот.