Државниот инспекторат за животна средина најмил дронови кои кон крајов на неделава по два часа дневно ќе ги снимаат критичните точки за да се лоцира од каде доаѓа енормното загадување на воздухот, потврди за БИРН в.д. директорот на инспекторатот, Мирослав Богдановски.
„Склучивме договор за изнајмување на два дрона кои ќе почнат со снимање во Железара, Момин Поток, Карпош, Ново Лисиче, односно на сите места каде што мерните станици покажуваат високо ниво на загаденост“ изјави Богдановски.
Често се случувало, вели тој, кога инспекторите ќе излезат на терен во фабриките кои се сметаат за загадувачи на воздухот да наидат на затворени врати. Со помош на дроновите ќе се види дали има движење внатре во фабриките и дали се почитуваат правилата, а набрзо ќе биде склучен и договори со акредитирана лабораторија која ќе може да даде точна информација за степенот на загаденоста.
„Едно е кога инспекторот сам ќе излезе на терен, а сосема поинаку ќе биде кога тој заедно со претставник од акредитираната лабораторија ќе може да измери колкава е загаденоста“ заклучува Богдановски.