Гладните скијачи на вода или морнарите наскоро ќе можат да си купат храна од првата пловечка кујна во светот, која ќе почне со работа во Дубаи. Компанијата Aquatic Architects Design Studio (AADS) ја дизајнираше Aqua Pod или првата пловечка кујна во светот, која треба да се отвори во Дубаи до крајот на месецов.
Inhabitat пишува дека Aqua Pod, всушност, е камион со храна за на вода. Пловечката структура ќе им олесни на луѓето кои често се на море да се снабдат со храна. Основачот на AADS, Ахмад Јусуф, вели дека има два потенцијални системи за нарачка.
Првиот е бротче да дели знаменца на јахтите и бродовите, а потоа луѓето да подигнат знаменце доколку сакаат да нарачаат нешто. Бротчето потоа ќе ги прими нарачките и ќе ја достави храната. Втората опција е луѓето сами да доаѓаат до Aqua Pod за да нарачаат нешто.
Aqua Pod за почеток ќе нуди сендвичи затоа што се лесен оброк за приготвување и за јадење, иако понатаму можно е да ја прошират понудата со пица или десерти во зависност од успешноста на концептот.
Кујната ќе работи на струја, а ќе има вграден систем за да го собира целиот отпад од водата, така што нема да ја загадува околината. Дури и ако некој нарача нешто од кујната и потоа го фрли отпадот во вода, Aqua Pod ќе може да го собере целиот отпад во посебни резервоари.
Aqua Pod лесно ќе може да се движи во зависност од потребата. Ќе почне со работа во Џумеира, а потоа ќе оди и до плажата Ал Јусуф, Кајт и до лагуната Палма.