Прилепската компанија „Витаминка“ од Комерцијална банка го купува имотот на штипски Брилијант, јави ТВ24. Прилепската прехрамбена компанија планира да вложи 7,3 милиони евра во недвижен имот, земјиште, движни ствари и во права од индустриска сопственост.
Станува збор за објекти од близу 5000 квадратни метри и земјиште со право на сопственост од околу 21 500 квадратни метри. Имотот на некогашната фабрика за масло Брилијант е во сопственост на Комерцијална банка и е добиен како обезбедување за невратен кредит.
Брендот Брилијант ќе остане на теренот, а истовремено маслото за јадење ќе се користи како суровина за дел од производната палета на Витаминка. Одлуката за вложување треба да биде потврдена на акционерското собрание закажано за 14 март годинава. Во документите за Акционерското собрание објавени на веб страницата на Витаминка стои дека цел е модернизација на производството.
Фабриката за масло Брилијант пред една година отпушти најголем дел од своите 70 вработени. Раководството тогаш тврдеше дека тоа е привремено иако фабриката беше ставена на продажба. Тогаш штипска транспортна компанија ги купи само ресторанот и Управната зграда.