Рубриката #ИновативностЧита редовно ви помага да ја пронајдете вистинската книга покрај која ќе го поминете вашиот викенд во опуштена атмосфера. Викендов ви го претставуваме бестселерот Калуѓерот што го продаде своето ферари од Робин Шарма.
(Пишува – Бисера Срцева)
Калуѓерот што го продаде своето ферари е книга која за првпат се појави на македонскиот пазар во 2009 година и е една од најпопуларните книги во Македонија скоро десет години. Интересниот наслов веднаш ќе ве привлече да посегнете по книгава доколку ја видете на полица во некоја книжарница или на некој штанд на саемите за книга.
Авторот Робин Шарма, кој на кратко ја опишува книгата со реченицата „приказна за тоа како да ги остварите своите соништа и да ја земете судбината во свои раце“, по професија е правник. Главниот лик во книгата исто така е правник и работел како адвокат. Сигурно се прашувате какви животни лекции можат да се научат од еден адвокат чија задача е да војува битки во судница, но не донесувајте заклучоци пред време.
Во книгата читаме за Џулиен Ментлу кој решил дека е време да преземе нешто кон суштинска промена на својот живот откако при едно судење доживеал срцев удар кој можел да заврши и фатално. Ваквите моменти во животот соодветствуваат на онаа изрека на англиски јазик make it or break it кога знаете дека сте пред сериозна одлука за тоа како ќе продолжите да го живеете животот.
Книгата се состои од неколку поглавја кои никако не треба да ги брзате при читање, туку да запомнете дека ова е книга која се апсорбира збор по збор. Ретки се книгите кои имаат потенцијал да ви го променат животот, но на оние кои ќе го направат тоа, ќе сакате да им се навраќате постојано. Таква е и Калуѓерот што го продаде своето ферари, книга која можете да си ја набавете за околу 300 денари бидејќи едноставно мора да ја имате во вашата домашна библиотека.
Преку лекции научени од источните духовници адаптирани на секојдневниот западен стил на живот исполнет со стресови, ќе откриете како да си ги поставите приоритетите во животот и ќе се инспирирате да работите кон остварување на вашите соништа за живот кој нема да биде исполнет со стресови. При читањето ќе сфатите дека книгата всушност зборува за многу едноставни промени кои можете да ги примените, но никогаш до сега не сте решиле дека ќе го направите тоа.
Книгата можете да ја најдете скоро во секоја книжарница низ Македонија. Откако ќе ја прочитате и ќе ви се јави желба за уште некое вакво четиво, побарајте ја и останатите книги на Робин Шарма во кои тој постојано се навраќа на темата за духовно исполнување на животот, како што се продолжението Тајните писма на калуѓерот што го продаде своето ферари, Среќното семејство на калуѓерот што го продаде своето ферари или пак Светецот, сурферот и директорот.
Продолжете да си го изострувате вашиот ум со добра книга, а ние ќе се потрудиме да ви препорачаме уште една одлична книга и наредниот викенд во рубриката #ИновативностЧита.