Од паметен телефон до големиот екран: Нова апликација која ќе им помогне на возачите на Ford да го добијат најдоброто од нивните мобилни телефони додека се во движење
На светскиот конгрес за мобилни телефони во Барселона, Ford денес најави дека популарната апликација за навигација и сообраќај Waze од април 2018 ќе биде достапна глобално, за сите сопственици на Ford.
Со повеќе од 100 милиони активни корисници, Waze е најголемата апликација за навигација базирана на заедница, помагајќи им на возачите ширум светот да го надмудрат сообраќајот. Соработка со Ford прво беше најавена на СЕЅ (The International Consumer Electronics Show) и истата подразбира дека корисниците на Apple iPhone ќе имаат можност да ја проектираат апликацијата Waze од нивниот паметен телефон на големиот екран во автомобилот. Ford инаку веќе ја нуди мобилната апликација за навигација Sygic преку AppLink платформата и SYNC 3 навигацискиот систем со FordPass Live Traffic.
„Знаеме дека луѓето уживаат во голем број апликации за навигација кои им помагаат безбедно и поефикасно да стигнат до својата дестинација, па работевме заедно со нашите партнери да им го овозможиме тоа на што поголем број луѓе“, рече Дон Батлер, извршен директор на Connected Vehicle and Services. „Со платформата SYNC 3 AppLink, возачите можат безбедно и беспрекорно да пристапат до нивните омилени апликации, без притоа да го тргнат погледот од патот или рацете од воланот“, додаде тој.
Платформата SYNC AppLink на Ford им овозможува на возачите да ги користат поврзаните апликации од нивниот паметен телефон на интегрираниот екран во автомобилот преку напредни контроли управувани со гласот или со пак воланот.
„Waze веќе го користат 100 милиони ваши пријатели на патот, а сега и возачите на Ford ќе имаат можност безбедно да пристапат до нашата апликација додека се во движење, и тоа преку екранот во нивниот автомобил“, изјави Џенс Барон, продуктен менаџер на In-Car Applications во Waze. „Waze апликацијата е многу повеќе од само црвени линии на мапата; таа ја претставува огромната заедница на возачи кои се во движење и кои заедно го надмудруваат сообраќајот секаде низ светот“, вели тој.
Дополнително, во Барселона Ford најави дека на нивните возачи ќе им биде достапна и мобилната апликација од аудио подкастот Acast. Ова овозможува офлајн преземања и интелигентни препораки за подкаст кој најдобро би се вклопил во патувањето, врз основа на анализа на моторот и должината на патувањето. Acast инаку беше еден од победниците на AppLink предизвикот “Make it Driveable” на Ford во 2017 во Париз – настан кој им помага на компаниите да развијат идеи кои го прават патувањето подобро.
Покрај ова, Ford потврди дека преку AppLink наскоро ќе бидат достапни и апликациите BPme (за пронаоѓање бензински станици и плаќање од автомобил), Radioplayer (за поврзување со омилените радио станици и подкасти) и Cisco WebEx (за безбедно приклучување на бизнис состаноци во движење).