Штипскиот универзитет направи смарт апликација за земјоделство во склоп на Еразмус + проект

- Advertisement -

Деновиве се одржа промоција на проектот финансиран од програмата Еразмус+, а реализиран од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип во соработка со Аграрен универзитет во Пловдив, Бугарија, Медитерански агрономски институт во Ханија – Грција, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството на Република Македонија – Битола и Федерацијата на производители на органски производи на Македонија, во чии рамки од штипскиот универзитет е развена смарт апликација за земјоделство.

Како што пренесува универзитетскиот портал LifeUGD, земјоделците ќе можат лесно да проверат какво ѓубриво и во која количина да се употреби за одредена култура доколку имаат направено агрохемиска анализа на почвата, но и да дознаат кој е најдобриот пестицид за справување со болести и штетници.

Координатор на проектот е проф. д-р Зоран Здравев од Факултетот за информатика, кој работел на смарт апликацијата. Проектот се работел повеќе од две години, а неговите резултати допрва ќе најдат примена во земјоделската пракса. На настанот беа присутни повеќе од 30 гости од различни институции и фирми од областа на земјоделството, професори, студенти и агрономи кои се крајни корисници на резултатите од проектот.

- Advertisement -

Учесници во проектот од Земјоделскиот факултет при УГД – Штип беа доц. д-р Емилија Арсов, воедно и асистент на проектот, која со практична демонстрација ја презентираше базата на податоци за пестициди во Република Македонија и проф. д-р Фиданка Трајкова, која направи демонстрација за употребата на калкулаторот за ѓубрење што може да се применува за пресметка на потребните колични на хранливи материи за 25 полјоделски и градинарски култури.

- Advertisement -

Ѓорги Хаџи-Котаров од Федерацијата на производители на органски производи на Македонија ги претстави сите содржини опфатени со различен тип на предавања одржани во Бугарија и во Грција, со цел подобрување на производните практики во конвенционалното, интегралното и органското земјоделско производство. Во текот на настанот беа споделени и други позитивни искуства од директните учесници во проектот.

На крајот од настанот беше развиена плодна и корисна дискусија, во која поголем број од учесниците дадоа свое видување за неопходноста за повеќе проекти од ваков карактер, односно поврзување на помеѓу земјоделската пракса и модерните информатички технологии.

Сподели!
- Advertisement -