На свечен настан, минатата недела, Макпрогрес официјално го претстави преземањето и ребрендирањето на Дониа, поранешна кондиторска компанија од Прилеп, со што брендот сега е дел од семејството и портфолиото на компанијата.
Како што беше најавено, рецептурите за производите на Дониа се збогатени, состојките се заменети со поздрави и поквалитетни суровини. Макпрогрес вложи во дополнителен развој на продуктното портфолио на Дониа, што достојно ќе го унапреди пазарното претставување на брендот во земјава и во странство.
Асортиманот на Дониа, со помош на широката дистрибутивна мрежа на Макпрогрес, се очекува да добие интернационален пласман, дополнувајќи ги извозните стратегии и цели на компанијата.
Познатиот локум на Дониа е вистинска скапоценост за кондиторското производство во Македонија. Благодарение на зачуваниот автентичен рецепт и вкус, овој производ ќе го претстави домашното производство на светските пазари.
„Регионот на Прилеп и Крушево надалеку е познат по производство на квалитетен локум. Уште од пред 100 години откако е донесена мајсторијата за квалитетен локум таа се пренесува од генерација на генерација. Нашите мајстори и ден денес го прaктикуваат истиот традиционален начин на варење, одлежување и рачно сечење на локумот. Она што како Макпрогрес го направивме, ги исфрливме сите вештачки додатоци и ги направивме сите производи само со природни состојки. Исто така посебно сме горди на редизајнираното лого и новите амбалажи што ги прави овие производи одлични конкуренти на македонскиот пазар но и пошироко.“, вели Глигор Цветанов, извршен директор на Макпрогрес.
Покрај овој високо квалитетен локум Макпрогрес ги ребрендираше и безвременските специјалитети произведени по класичните традиционални рецепти за алва, желе бонбони, како и домашни кекси и чајни колачиња под брендот Бејкхаус. Сите останати производи кои се во делот на индустриски колачи Макпрогрес одлучи да ги ребрендира во брендот Винчини како: Ванили, Гурабија, Белани, Монна, Донна, Селекшн и Асортмент: 8 вида на првокласни кекси во кутија. Интегралните кекси Вива ла Вита истотака се реформулирани, редизајнирани и ребрендирани.
Во септември 2017 година Макпрогрес целосно ја купи прилепската кондиторска фабрика Дониа во која виде одличен потенцијал за надоврзување на нивната веќе отпочната приказна и прераснување во македонски бренд специјализиран за висококвалитетни традиционални деликатеси.