Со нешто повеќе од една милијарда денари, односно со 16,5 милиони евра, Владата ќе ги стимулира програмите и мерките за вработување млади во 2018 година, изјави премиерот Зоран Заев по заедничката седница на Владата со младинските организации посветена на младинските политики. Со овие мерки, рече тој, ќе се овозможи вклучување млади лица во разни обуки за стекнување знаења за побарувани занимања на пазарот на трудот.
„За подобрување на образованието, предвидовме една милијарда и 270 милиони денари. Првпат се обезбедуваат 80 милиони денари за подобрување на условите во ученичките и студентските домови, од кои 30 милиони денари за реконструкција и 50 милиони за опремување. За зајакнување на студентскиот стандард планирани се 660 милиони денари, што претставува зголемување на минатогодишниот буџет повеќе од 50 милиони денари, а за капитални инвестиции во образованието предвидени се две милијарди и 140 милиони денари, од кои за изградба и реконструкција на основни и средни училишта издвоени се 282 милиона денари“, рече Заев.
Дополнително, додаде тој, Владата почна и процеси за финансиска поддршка за технолошки развој на компаниите и покривање до 30 отсто од трошоците со кои ќе се стимулираат обука и стручно усовршување на нововработените млади лица.
„Во таа насока, во процес на основање е и модерен научно-технолошки парк, иницијатива што има цел да ја зајакне конкурентноста на водечките индустрии во земјата и да го поттикне развојот на новите сектори со иновативен потенцијал во разни области“, рече Заев.
Премиерот исто така соопшти дека на седницата е донесена и одлука за формирање важни работни групи за младински политики.
(Макфакс)