Кога малите деца се болни, тоа е едно од најнепријатните искуства во животот. Честопати мора да се следи нивната температура за да не им се влоши состојбата, но тие се премногу мали за да разберат зошто им го ставате страшниот топломер.
Токму затоа многу компании бараат неинвазивни начини за следење на нивните витални знаци. Последна во низата е компанијата за фитнес уреди Cosinuss, која направи топломер кој се носи на увото и воопшто не им пречи во играњето или другите активности. Топломерот се вика Degree и личи на слушно апаратче, но го има истиот сензор како дигиталниот топломер.
Податоците кои ги собира се испраќаат до вашиот телефон, па можете едноставно да го ставите топломерот на увото и да си го олесните животот. Секогаш кога ќе почне да се влошува состојбата на детето ќе добиете известување на телефон и веднаш можете да се консултирате со доктор. Системот, исто така, нема да предизвика паника без потреба и ќе ве алармира само кога навистина е неопходно. Апликацијата нуди и корисни совети како да се грижите за мало дете.
Основачот и извршен директор на компанијата, Грета Кројзер, добила идеја за уредот кога нејзината ќерка добила страшни напади поради висока температура.