Додека постојат многу чевли кои се направени од кожа или од природни влакна како памукот, спортските чевли може да се направени од различни материјали. Тие мора да дозволуваат ногата да дише, да не ја потат, па затоа производителите на спортски обувки најчесто посегнуваат по синтетички влакна направени од материјали на база на нафта.
Со други зборови, патиките за трчање, за пешачење или играње ракомет, да речеме, воопшто не се еколошки. Синтетичките материјали се токсични во текот на производството, а кога ќе се износат и ќе завршат на депонија, ќе останат таму стотици години.
Токму затоа брендовите како Allbirds имаат други решенија, пишува GreenMatters. Стартап компанијата од Сан Франциско пред две години стекна голема популарност со своите стилски, минималистички и спортски обувки, по кои полудеа технолошкиот и модниот свет. Наместо да користат синтетички производи и гума за ѓонот, обувките на Allbirds се направени од фина мерино волна, а основата е од мешавина од рицинусово масло, како замена за пластиката и гумата.
Волната не само што овозможува дишење на ногата, таа е еден од најодржливите материјали во светот. Овците се дел од природниот циклус на јаглеродот: го консумираат органскиот јаглерод од растенијата и го претвораат во волна – 50% од тежината на волната е чист органски јаглерод. Освен тоа, волната која ја користи Allbirds ја добива од оджливи и етички одгледани овци во Нов Зеланд.
Со новата колекција патики, компанијата ја подигнува својата репутација на уште повисоко ниво. Изгледаат слично на тие од волна, но Allbirds Tree Collection се направени од дрво. Со помош на пулпата од стеблата на еукалиптусот се добива материјал кој се извлекува во влакна и се плете. Во текот на процесот се користи само 5% од водата која се троши за производство на типичен пар обувки, а дрвата се собираат на одржлив начин.
„Она што е најбитно кај оваа колекција е што докажува кои се материјали може да се користат за одржливи производи. Тие материјали може да се користат не само затоа што тоа е исправно, туку затоа што со нив се добиваат подобри производи“ велат од Allbirds.