Деновиве беше претставено најновото рангирање на државите во светот според трошоците за живеење, изработено од компанијата MoveHub која направила анализа на податоците добиени од Индексот за трошоци за живот за 2018 година на страницата Numbeo.com.
Страницата го добива индексот преку обработка на огромни количини на податоци добиени од илјадници корисници ширум светот, кои постојано ги внесуваат цените и трошоците за местата во кои се наоѓаат. Рангирањето е направено врз основа на околу педесет фактори, од цена на оброк во еден просечен ресторан до членарина во теретана.
Според рангирањето, најскапата држава за живеење во светот е Бермуда. На второто место во светот се наоѓа Швајцарија, која пак е прва најскапа држава во Европа. На глобалната листа, после овие две држави, следуваат Исланд, Норвешка, Бахами, Луксембург, Данска, Сингапур, Јапонија и Израел.
На другиот крај на спектарот, односно како најевтини држави за живеење во светот, рангирани се Пакистан, Египет, Украина, Индија, Тунис, Косово, Грузија, Азербејџан, Бангладеш и Алжир.
Што се однесува до податоците кои се однесуваат само на европските држави, може да се забележи јасна поделба помеѓу источните и западните земји. Украина е најевтината европска држава и рангирана е на 109 место.
Македонија, заедно со земјите од регионот – Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, е во групата на држави со најниски трошоци за живот. Во овие држави индексот на трошоците за живот не бележи значителни промени во последниве години.