Најголем дел од нас се свесни за негативните ефекти кои долготрајното седење на работното место ги има на нашето тело. Доколку се грижиме за сопственото здравје, тогаш треба неколку пати во неделата да правиме вежби пред или после работа. Но постојат и одредени трикови како да бидете повеќе физички активни и да согорувате калории и во текот на работното време.
За почеток, треба да ги промениме навики како на пример да пешачиме по степеници наместо да одиме со лифт, да не го паркираме возилото колку што е можно поблизу до канцеларијата, да не ни ја доставуваат храната до бирото. Еве неколку препораки.
Паркинг
Наместо да кружите 10-15 минути пред работа барајќи слободен паркинг простор близу до канцеларијата, оставете го автомобилот на првото слободно паркинг место дури и ако е на 1 километар од зградата во која работите. На овој начин ќе внесете пешачење во вашата секојдневна рутина.
Станувајте по вода
Ставете си потсетник кој ќе ве потсетува на секој час да станете и да пешачите до кујната во канцеларијата за чаша вода. Ова е многу подобра опција отколку да имате шише со вода на бирото. Од една страна ќе потрошите калории со тоа што ќе се движите, а од друга страна ќе бидете добро хидрирани што ќе ви го убрза метаболизмот.
Излегувајте на ручек пауза
Наместо секогаш да нарачувате и да чекате достава на храна, пешачете до ресторан, маркет или пекара. Ова ќе ви помогне за побрзо варење на храната после ручек.
Одете додека разговарате на телефон
Ако работата ве врзува за компјутер, а само моментите кога зборувате на телефон ви се единствена шанса да не гледате во мониторот, искористете ги за да станете од бирото и да се раздвижите.
Време за кратки вежби
Внесете и некој невообичаен елемент во секојдневната рутина со тоа што секогаш кога ќе одите до тоалет, повторете 10 пати вежба која ќе ви го размрда телото. Ако пиете доста течности во текот на работниот ден, тогаш ќе ви собере доста вежбање.
Движете се за време на состанок
Ова не се однесува за секој состанок секако, но доколку вие треба да водете одреден состанок, не седнувајте додека го држете и движете се додека зборувате. Освен што ќе ве размрда, стоењето за време на состанок ќе придонесе колегите да ве слушаат посветено.
Почнете да користите педометар (апликација на паметните телфони) и обидете се во текот на денот да направите 10 000 чекори. Запомнете, акумулираната физичка активност во текот на осум часа може да ви потроши повеќе калории отколку посветено вежбање од еден час.