АНАЛИЗА: Каде ќе живеат луѓето во иднина?

- Advertisement -

Последните децении од минатиот век и двете децении од овој век донесоа многу промени за луѓето. Најпрвин се смени начинот на којшто комуницираме, на којшто креираме, чуваме или пребаруваме податоци, начинот на којшто патуваме, на којшто готвиме… Денес на дофат на рака имаме секакви удобности кои ни овозможуваат да правиме многу активности кои не можевме ни да ги замислиме пред 20-30 години.

Сепак, едно од нештата кои генерално останаа непроменети се нашите живеалишта. Освен модерните гаџети и додатоци, во глобала сите уште живееме во куќи, згради, станови кои се направени на ист начин, со слична форма, со исти или слични материјали. Тука доаѓа наредната револуција кај човештвото. Од корен ќе се смени начинот на кој се градат куќите и зградите, нивната функционалност, еколошките аспекти итн.

- Advertisement -
Apis Cor 3D house

Не е новина печатењето куќи со 3Д печатач, но деловите од куќите најчесто беа печатени во големи фабрики, па потоа склопувани на местото каде што ќе биде куќата. Наместо тоа, сега печатачите можат да испечатат цела куќа на лице место. Првата 3Д печатена зграда во светот беше направена во Дубаи уште во 2016 година, додека компанијата Apis Cor од Сан Франциско, специјализирана за 3Д печатење, минатата година jа испечати првата функционална куќа за само 24 часа. Освен тоа што градењето куќи се сведува на неверојатно пократок период, трошоците се минимални, а квалитетот не е ни малку полош. На пример, куќата на Apis Cor чинеше нешто повеќе од 10.000 долари, а компанијата проценува деќа може да трае дури 175 години благодарение на начинот на поставување на бетонските слоеви. Сега има компании кои можат да испечатат помали конструкции за само 8 часа.

Но, не се менува само начинот на градење туку и материјалите кои се користат. Научници на Универзитетот Бинхемтон развија бетон кој сам себе си ги поправа пукнатините со помош на габи. Тие пронајдоа начин посебен вид габи во комбинација со бетонот да дејствуваат како затворачи на дупки. Оваа идеја е инспирирана од способноста на човечкото тело самото да ги залечува исечениците, модринките и скршeниците и за оштетениот дел да зема нутриенти кои произведуваат нови клетки за оштетениот дел.

- Advertisement -
Првата 3D печатена куќа во Дубаи

Бетонот е најчесто користен материјал за градење затоа што е реалтивно евтин, лесно се ракува, има долг век на употреба и е доста отпорен на експлозии, за разлика од челикот. Сепак, има една маана – не држи многу товар, па потребно е да се зацврсти со челик за да издржи посилни земјотреси. Истражувачи од Универзитетот Британска Колумбија, пак, развија нов тип бетон со карактеристики на челик кој може да издржи силни земјотреси и е еколошки.

Материјалот се вика EDCC. Индустријата за цемент е одговорна за 7% од годишната емисија на штетни гасови во светот. Со замена на 70% од цементот со нуспроизводот на EDCC наречен fly ash значително ќе се намали емисијата на штетни гасови затоа што при производство на само еден тон цемент се добива речиси еден тон јаглерод диоксид. EDCC е неверојатно флексибилен, има слични особини на челикот и може да се деформира без да се уништи.

- Advertisement -

Кина, пак, постигна значителен напредок во друг правец. Кинески научници создадоа градежен материјал отпорен на силен оган, кој може да издржи пламен од приближно 1.300 степени Целзиусови. Истражувачи од Универзитетот за наука и технологија во Кина создадоа композитен аерогел со ниска проводливост на топлина, кој е многу отпорен на оган. Композитот, кој е синтетизиран од фенол-формалдехидна смола и силициум, може да издржи пламен со висока температура без да се распадне. Многу е порозен и еластичен и покажува мнпгу поголема отпорност на оган во споредба со материјалите кои моментално се користат за изолација како што се стиропорот и стаклената волна.

Dutch Mountains

Според истражувачите, ако се употребува во ѕидови, материјалот може да обезбеди поголема заштита против уништување на потпорните бетонски структури предизвикано од пожар, што ќе овозможи повеќе време за евакуација на луѓето. Исто така, може да се употреби за изолација на стари згради.

Нови материјали во градежништво!

Освен бетонот, компаниите сега се вртат кон други алтернативни материјали кои се многу поеколошки и поодржливи. Најчесто тоа е дрвото, но некои архитекти најдоа нова примена и за конопот. Во Холандија ќе изникне една масивна зелена зграда во градот Велдховен близу Ајндховен. Проектот Dutch Mountains вклучува изградба на најголемата дрвена зграда во светот, која ќе биде изградена од природни материјали со високотехнолошки дизајн за да се креира една уметничка и самоодржлива градба. Главната зграда ќе биде направена целосно од дрво, а кога ќе биде готова, ќе биде најголемата дрвена зграда во светот.

Japan wood skyscraper

Според планот за Dutch Mountains, комплексот е целосно самоодржлив, односно има затворени циклуси на енергија, вода, отпад и материјали. Во фасадата на зградата планирано е да се интегрира паметна технологија која ќе ја намали потрошувачката на енергија. На пример, фасадата на зградата ќе ја регулира температурата и ќе биде една од најиновативните на пазарот, но доколку во иднина, на пример, се создаде некоја попаметна фасада која произведува повеќе енергија, може да ја замени постарата верзија, а старата ќе се рециклира или ќе се реупотреби.

Јапонската компанија Sumitomo Forestry, пак, ги откри плановите за најголемиот дрвен облакодер во светот, кој ќе се гради во центарот на Токио. Ќе биде висок 350 метри и ќе биде дел од проектот W350 Project. Проектот се состои од еколошки градби за мешовита употреба, а треба да биде готов до 2041 година. Овие структури од комбинација на дрво и челик ќе го претворат градот во шума. Зградите ќе можат да издржат земјотреси, а соодносот на дрвото и челикот при изградбата ќе биде 9 наспрема 1.

Israel hemp house

Пионери на израелската еколошка архитектура ја направија првата куќа во светот изградена од материјали добиени од коноп. Кога се во прашање новите идеи за одржливи станбени единици, конопот може да се смета за речиси идеален материјал. Тој помага за намалување на емисијата на стакленички гасови и задржување на СО2 во внатрешноста на ѕидовите направени од коноп. Ѕидовите од коноп се отпорни на оган, водоотпорни се, отпорни на скапување доколку не се во директен контакт со земјата.

Ѕидовите на првата куќа од коноп се дебели 35cm и направени се од мешавина од коноп и вар. Оваа комбинација има повеќе предности почнувајќи од одличните термоизолациски карактеристики до стабилноста, пропустливоста на влага, трајноста. Каменот од локалниот каменолом е искористен за да се изработат носечките елементи на конструкцијата, како и за обложување на подовите.

Друг сериозен проблем на модерната денешница е недостигот од простор за изградба на станбени простори. Многу компании од различни краеви на светот од различни апскети работат на наоѓање алтернативни решенија. Според некои информации, во Велика Британија наскоро може да стане легално да се градат нови станбени простори на покривите на постојни згради, куќи, продавници или канцелариски простори.

„Одговорот на недостигот од простор за живеење не е во копање на некое неискористени земјиште или срушување на постојни градби. Мора да бидеме покреативни и поефективно да го искористиме просторот кој го имаме на располагање. Токму затоа закаме да ги поттикнеме градежните компании да бидат поиновативни и да размислат за градење на постојната архитектура за да се задоволат станбените потреби“ велат од владата на Велика Британија. Веројатно на покривите нагоре ќе може да се доградуваат до два ката со цел да се задржи некое ниво со другите згради.

UK roof houses

Друго решение се микро становите или градбите, кои ги има од различни материјали и со најнеочекувани форми. Микро зградата Tikku, на пример, е доказ дека еден стан со големина на паркинг место може да биде удобен и доволен за живот. Како решение за проблемот со недостиг на простор во урбаните срединит финскиот архитект Марко Касагранде направи мобилна микро зграда која може да се постави за помалку од еден ден. Трикатната микро зграда е дизајнирана да биде мобилна за да може да оди секаде каде што може да помине еден автомобил и да функционира самостојно надвор од електрична мрежа.

Tikku, што на фински значи стапче, го доби името поради својот изглед. Модулите кои се поставуваат еден над друг зафаќаат површина колку едно паркинг место од 2,5 до 5 метри и нема потреба од поставување темели благодарение на кутијата со песок поставена на дното на мини зградата. Според архитектите, дури и за време на финските студени зими дрвото дебело 20 сантиметри од кое се направени ѕидовите е доволно за зградата да биде топла без дополнителна изолација. Куќата е отпорна на земјотреси и има одличен еколошки систем со соларни панели.

Компанијата M.A.Di Home на италијанскиот архитект Ренато Видал направи монтажна куќа која според потребите може да се преместува. За монтирање на куќата доволни се само тројца луѓе и шест часа работа, а во зависност од квадратурата, може да чини од 30.000 до 65.000 евра. Куќата се состои од основни модели кои вклучуваат инсталација на потребната електрика, кујна и бања, а испораката е најдоцна од 60 дена од денот кога ќе прифати конечниот нацрт. Моделот целосно се произведува во Италија, отпорна е на земјотреси, со инсталирани соларни панели и LED осветлување. Вакви куќи може да се градат каде било и без потреба од конструкциски бетонски темели.

TIKKU micro house

Проблемот со бездомниците е особено страшен во големи градови како Њујорк, каде што не може да се најде евтин стан или земјиште за градење, додека бројот на бездомни луѓе постојано расте и е најголем од Големата депресија во 30-тите години. Но, што кога би можеле да се искористат малку употребуваните згради, поточно надворешните ѕидови за да се вдомат бедомниците? Тоа е идејата на компанијата за дизајн Framlab, која сака да направи шестоаголни форми кои ќе се закачуваат на ѕидовите на зградите и ќе оформуваат една вертикална мрежа. Тие мали домови ќе бидат алтернатива за пренатрупаните засолништа за бездомници, кои не можат да им обезбедат фиксна адреса.

Готовите форми потоа ќе се прикачуваат на ѕидови без прозорци и лесно ќе може да се расклопат ако има потреба. Однадвор ќе имаат алуминиумска школка, а внатрешниот дел ќе биде 3Д испечатен од рециклиран поликарбонат. Прозорци направени од паметно стакло ќе овозможат да се затемнат или да се осветлат по потреба.

Микро домувањето е тренд кој изминатата декада стана многу популарен. Еве уште еден иновативен проект за микро домови – овојпат направени од бетонски цевки. Креатор на проектот е компанијата James Law Cybertecture. Opod Tube House се дизајнирани за млади луѓе кои не можат да си ги дозволат високите цени на недвижностите во големите градови.

Opod Tube House

Минијатурните домови направени од бетонски цевки можат да соберат еден до двајца станари. Ентериерот е опремен со стандардни елементи, вклучувајќи дневна соба со клупа која се претвора во кревет, мини фрижидер, бања, туш и многу место за складирање облека и лични предмети. Иако структурите тежат по 22 тони парче, лесно се инсталираат и се прицврестуваат една за друга.

Сега замислете зграда која знае колку точно енергија консумира, колку слободни паркинг места има и кога тоалетитетреба да се чистат. Дури и еспресо машините препознаваат луѓе и знаат точно какво кафе треба да подготват. Токму таква е канцелариската зграда Тhe Edge во Амстердам и е дизајнирана од консултантската компанија Deloitte, која воедно ја користи зградата како свое седиште. Зградата е опремена со 28.000 сензори кои следат движење, ниво на осветлување, влажност на воздухот и температура.

Сите тие податоци ѝ овозможуваат на зградата да реагира и да користи ресурси поефикасно. Кога одредени делови од зградата не се користат, греењето, ладењето и осветлувањето можат да се исклучат. The Edge служи за пример како дизајните за паметни згради имаат потенцијалот да го променат начинот на кој работиме. Вработените се поврзани со зградата преку апликација за паметен телефон преку која наоѓаат паркинг место, бироа за работа, а можат да си ги пронајдат и колегите. Во зградата моментално има околу 2.500 вработени.

Plantagon Green Skyscraper

Шведската компанија Plantagon верува дека „зелените облакодери“ се нашата иднина и дел од решението за глобалната криза. Делумно урбани фарми делумно облакодери, овие вертикални стакленици можат да обезбедат огромни количини органска храна со многу помалку енергија и помало влијание врз околината отколку индустриското производство. По години истражување Plantagon сега е подготвен да го направи првиот „зелен облакодер“. Компанијата има за цел да ја реши кризата за храна поради растот на градовите и недостигот од обработливо земјиште, па затоа го креираше облакодерот The World Food Building, кој е 60-метарска вертикална фарма и 16-катна канцелариска зграда и доколку се изгради во Линкопинг, Шведска, ќе служи како интернационален модел за вертикално индустриско урбано земјоделство.

Иновативниот „зелен облакодер“ ќе ја користи технологијата патентирана од Plantagon за да произведува 500 тони органска храна годишно во чиста, затворена и контролирана средина. Најмалку половина од енергијата која ќе се искористи за производство на храна ќе се реупотреби за подно греење. Од Plantagon проценуваат дека The World Food Building ќе заштеди 1.000 метрички тони јаглерод диоксид и 50 милиони литри вода.

Air cleaning skyscraper

И Њујорк ќе добие необична зграда со сосема несекојдневна функција – ќе го чисти воздухот! Зградата 570 Broome, дизајнирана од Тахир Демирчиоглу од Builtd, ќе биде обвиткана во нов материјал за фасада кој ја користи сончевата светлина за да ги претвора загадувачите од воздухот во сол и водена пареа. Надворешноста на зградата, која ќе се чисти самата, ќе има ист ефект врз животната средина како да се отстраниле 2.000 автомобили од патиштатат или да се посадиле 500 дрвја.

Материјалот од којшто е направена надворешноста на зградата се состои од камени плочи на Neolith испрскани со растворот на компанијата PURETi на база на вода и наночестички на титаниум диоксид. Сончевата светлина ги активира наночестичките на титаниум диоксидот, кои ја трансформираат влагата во воздухот во оксидирачки агенси кои ги уништуваат честичките на азот диоксид и другите загадувачи и ги трансформираат во сол и водена пареа. Овој процес се вика фотокатализа и се повторува милиони пати во секунда, па така зградата може да се чисти самата себе и околината. Оваа технологија го подобрува квалитетот на околниот воздух и е антибактериска, антиалергенска и ги уништува непријатните мириси.

Сево ова и многу повеќе за што допрва ќе пишуваме се случува во светот околу нас. Порастот на бројот на жители на Земјата повлекува со себе многу проблеми како што е недостигот од простор за живеење, недостигот од храна, големото загадување. Во август минатата година ние веќе ги имавме потрошено Земјините ресурси за 2017 година и остатокот од годината живеевме „на кредит“ со ресурсите за годинава. Но, што користиме сега ако претходно веќе сме ги потрошиле залихите за годинава? Сериозноста на ова и уште милион други прашања моментално не не засегаат, но се ближи денот кога и Скопје како најголем град кај нас ќе се соочи со недостиг на вода, а проблемите со пренаселеноста веќе ги гледаме. Иновативните решенија за кои прочитавте се само капка вода во океанот од проекти на кои напорно се работи некаде далеку од нас.

Сподели!
- Advertisement -