Од денес низ Скопје ќе започне да сообраќа уште еден автобус на гас наменет за јавен превоз. Како што пренесуваат некои од медиумите, автобусот на гас ќе сообраќа на линијата на ЈСП со број 2, а истиот е набавен од полската компанија „Соларис“.
Тој ќе биде дел од јавниот сообраќај 40 дена, на тест период, по што надлежните ќе треба да одлучат со какви автобуси ќе го модернизираат возниот парк на ЈСП. Веќе по скопските улици пробно сообраќа автобус на гас на линијата број 5, а се очекува во сообраќај ќе се вклучи и автобусот на струја на линијата број 15.
Полскиот автобус е едноподен и има капацитет од седумдесетина патници. Чини околу 220.000 евра. Наменет е исклучиво за јавен превоз. Неговата најголема предност е што има намалена потрошувачка на гас, споредено со потрошувачката на старите дизел-автобуси и троши речиси 50 отсто помалку гориво. Емитува значително помалку ЦО2 и речиси воопшто не го загадува воздухот.
„Денеска привршува брендирањето на автобусот, а истовремено се монтираат и валидаторите. Очекуваме утре да биде пуштен во сообраќај. И овој автобус ни е отстапен на бесплатно користење“, изјавил директорот на ЈСП Кристијан Чушков за „Независен весник“.
Компанијата „Соларис“ учествуваше на тендерот за набавка на нископодни автобуси во 2010 година, но прифатена беше понудата на украинскиот „ЛАЗ“.
„Соларис“ важи за водечки европски производител на иновативни возила за јавен превоз, како што се автобусите, тролејбусите и градските железнички возила. Компанијата е формирана во 1996 година и нејзини возила користат 32 земји.