Се повеќе домаќинства денес и во иднина ќе користат соларна енергија, според податоци од Solar Energy Industries Association, а токму затоа во иднина се повеќе ќе се користат батерии за регулирање и складирање на енергијата. Но, што ќе биде со малите станови каде што интегрирањето на еден батериски систем не е практично, ниту изводливо?
Дизајнерот Франсоа Шамбар од компанијата UM Project во Бруклин создаде уникатна колекција мебел наречена Patch, кој ја интегрира соларната енергија, ја складира и може да ја дистрибуира, пишува PSFK.
Колекцијата дебитираше како дел од изложбата Ventura Future Exhibition на саемот Salone del Mobile 2018 во Милано. Клупата за надворешна употреба е опремена со соларни панели и генерира електрицитет. Синиот ковчег направен од 250 испреплетени панели обложени со енамел е опремен со батерија и служи како станица за полнење уреди. Меѓу другите елементи кои складираат енергија има и декоративен ѕид за градина и огледало кое го олеснува менаџирањето со каблите.
Шамбар ја дизајнираше Patch со цел да прикаже како изгледа хуманата визија за технологијата наспрема решенијата фокусирани на инженеринг кои најчесто се рекламираат денес.