Печката за согорување на медицински отпад на Дрисла доби нов филтер

- Advertisement -

Градоначалникот Шилегов денеска во Дрисла организираше Отворен ден за новинарите и за претставниците и активистите од еколошките граѓански организации. Во рамките на Отворениот ден беше пуштен во употреба и новиот филтер на печката за согорување медицински  отпад (исенератор). 

- Advertisement -

„Дрисла повеќе нема да го загадува воздухот. Од идната сезона Дрисла нема да биде фактор за загадувањето на воздухот, особено во населбите околу мерната станица во Лисиче. Од денеска во функција е новиот филтер во депонијата Дрисла. Станува збор за филтер кој е поставен на  инсенераторот за согорување медицински отпад и тој ги апсорбира ПМ10 честичките, јаглерод моноксидот и другите честици што се ослободуваат при согорувањето. Поставувањето е во согласност со препораките  на Државниот инспекторат за животна средина“ истакна Шилегов.

Со тестирањето се утврди дека просечното количество на издувни гасови јаглерод моноксид, азотни оксиди, сулфурни оксиди и ПМ10 честички не ги надминува граничните вредности согласно со Правилникот за гранични вредности на емисии при горење и согорување на отпад и условите и начинот на работа на инсталациите за горење и согорување.

- Advertisement -

„Дополнително, покрај инсталирањето на филтерот со цел креирање целосно еколошко решение  горивото на кое работи печката, нафтата, е заменето со гас. Како што ветивме, работиме на долгорочни решенија за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје во зимскиот период.  Свесни сме дека со ова не го решаваме во целост проблемот со загадувањето, но исто така треба да бидеме свесни дека со повеќе вакви чекори се стигнува до трајно решение“ нагласи Шилегов.

- Advertisement -

Депонијата „Дрисла“ поседува А-интегрирана еколошка дозвола и е единствената депонија во земјава која собраниот комунален отпад го депонира согласно со европските стандарди. Со поставување на новиот филтер на печката за согорување медицински отпад, целосно ги исполнува сите стандарди, согласно со Законот за квалитет на амбиенталниот воздух.

Измерените вредности на гасовите и ПМ10 честичките што ги испушта, иако во најголем дел беа во граничните вредности, согласно со Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, во одредени периоди од процесот на согорување ги надминуваа истите, што укажа на потребата од конструирање и инсталирање нов филтер кој сите вредности на гасовите и прашината што ги испушта ќе ги сведе на минимум. Дополнително, со цел креирање целосно еколошко решение, горивото на кое работи печката, нафтата, е заменета со гас пропан-бутан.

Самиот филтер се состои од механички фаќач на ПМ честички, ладилник, активен јаглен, порозна бронза и спреер со водена магла. Над спреерот со водена магла е оџакот на кој има отвор за приклучување сонди за мерење.

Сподели!
- Advertisement -