Општина Карпош почнува со мерката за субвенционирање на купување велосипеди за сите заинтересирани карпошани. Ова е една од мерките која градоначалникот на Општината, Стефан Богоев ја најави при креирањето на Буџетот за 2018 година, со цел да се намалат загадувањето и сообраќајниот хаос, а со тоа директно да се придонесе кон заштита на животната средина.
За да се стекнат со ова право, жителите на Карпош треба да поднесат барање до архивата на Општината, фотокопии од лична карта и трансакциска сметка, како и оригинал фискална сметка (за купен велосипед не порано од 26 април 2018 година).
Субвенцијата е во износ од 30 отсто од сумата на велосипедот, но најмногу до 3.000 денари, и ќе биде доделувана по принципот “прв дојден, прв услужен”, до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот.
„Сакаме да ја зголемиме атрактивноста на велосипедот како превозно средство и затоа започнуваме со оваа мерка, која е дел и од мојата програма за работа.“, рече Богоев.
За ова Општината издвоила 300.000 денари, но доколку се утврди исклучително голем интерес кај граѓаните, за што веќе има индиции, износот на средства за овие субвенции драстично ќе се зголеми, веќе со првиот нареден ребаланс на општинскиот буџет, најавија од Општината.
Богоев потенцира дека Општината ќе се фокусира кон реконструкција на велосипедските патеки долж сервисните улици и нивно поврзување со булеварите.
Поттикнувањето за користење на велосипед е значаен чекор, но создавањето на услови за поголема мобилност и заштита на велосипедистите, исто така е приоритет за локалната самоуправа.