Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, рече дека автобусот е направен во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија. „Станува збор за енергетски ефикасен автобус кој троши минимално количество електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење. Најголемата предност е тоа што воопшто нема емисија на издувни гасови што го загадуваат воздухот“, рече Шилегов.
Во Скопје веќе сообраќаат два екоавтобуси на гас, на линијата број 5 и на линијата број 2.
Шилегов рече дека годинава е предвиден буџет за субвенции за набавка на екоавтобуси во висина од 100 милиони денари и за приватните превозници во висина од 20 милиони денари. „Свесни сме дека ова не го решава во целост проблемот со загадувањето на Скопје во зимскиот период, но затоа работиме на тоа еден по еден да ги елиминираме причинителите за загадувањето на долг рок“, нагласи Шилегов.
(Макфакс)